• недела, 17 ноември 2024

Завршни зборови на обвинителството за случајот „Тортура" на 12 мај

Завршни зборови на обвинителството за случајот „Тортура
Скопје, 23 април 2021 (МИА) - Случајот „Тортура“ продолжува на 12 мај, кога завршни зборови треба да даде Обвинителството, откако на денешното рочиште беа сослушани двајца сведоци, предложени од одбраната и со тоа беше исцрпена листата на докази. На денешното рочиште, кое се однесува на аспењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, на предлог на одбраната беше сослушан Горанчо Тодев, тогашен тим лидер на единицата „Алфа", кој рече дека околу пладне му се јавил неговиот претпоставен старешина Далибор Трајковски, да се упатат во Министерство за економија, дека ќе се апсат опасни лица. Тие биле поставени во влезот на фабриката Треска. - Во краток временски период, по врска слушнав „старт" и за кратко време видов лице како излегува од угостителски објект „Воденица", се стрчува кон автомобилот и фрла некоја ќеса преку неа. Јас се стрчав, по мене и колегите Јован Боцевски и Душко Секуловски. Во тоа растојание, додека трчав, гледав како лицето почна да бега, се фати странично за колата, додека колегите се обидуваа да му стават средства за присилба- лисици, сликовито евоцираше сведокот. Дополни дека кога пристигнал до колата, лицето било во легната положба. - Јас кога стигнав, тој беше во легната положба и му направив зафат на десната рака. Со мојата лева рака му ги дадов лисиците на колегата Петар Милошевски и истиот му ги стави лисиците. Понатаму, од страна на нашиот непосреден старешина Далибор Трајковски, истиот го крена уапсениот Љубе Бошкоски и му го предаде на Душко Милошевски. Потоа, по наредба на истиот старешина беше укажано да извршам преглед во возилото. Од моја страна беше извршен преглед и најдени се гардероба, прибор за хигиена, пиштол и една полициска значка на полицаец, кажа сведокот. Откако завршил со прегледот, како што кажа, сведокот и неговиот тим го земале другото лице и по наредба на Трајковски го спровеле во полициска станица Гази Баба, каде што направиле документација за спроведување. Сѐ што сработиле и по наредба на Трајковски, исто така, биле упатени во МВР на улица „Димче Мирчев" бб, каде што, според кажаното, ги чекале инспектори за да им земат отпечатоци и брисеви. На денешната расправа прашања постави и обвинителот, а се однесуваа на исказот кој сведокот го има претходно дадено во СЈО, со што сведокот кажа дека не сака да одговори на прашањата. - Не сакам да одговарам на прашања на обвинителот затоа што при првото седнување на клупа во СЈО обвинителот ми кажа дека имам 10 години затвор, кажа сведокот. Обвинителот побара од судот да биде прикажана снимката од настанот со цел сведокот да се препознае на истата. Притоа, сведокот ја изгледа снимката и се посочи пред обвинителот, каде се наоѓа тој, како е облечен и дека е со качулка на главата, за која обвинителот претходно праша дали била дел од облеката што тој ја носел за време на случувањето на настанот. Судијата на денешната расправа постави неколку прашања до овој сведок помеѓу кои тоа кои биле неговите задолженија како тим лидер на единицата „Алфа" и дали присутните обвинети ги имале истите задолженија тој ден. На што сведокот одговори дека секогаш непосредниот старешина ги дава конкретно задачите кој, што, како и каде за време на апсењето. - Дали сите наредби доаѓаа од непосредниот ваш старешина или имавте наредби од некои лица на повисока хиерархија, праша судијата. На тоа сведокот одговори дека наредбите ги примаат само од непосредниот старешина. Сведокот додаде дека апсењето било неполни две минути и на прашање на судот одговори дека во ниту еден момент не забележал некој од колегите да впери пиштол на апсените лица. Прв обвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани. Завршните зборови на обвинителство се закажани за 12 мај. Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска, додека обвинението го застапува јавниот обвинител Љубомир Лапе. ар/аа/

Остани поврзан