• четврток, 26 декември 2024

Завршни зборови за случајот „Софтвери“, судењето продолжува на 12 јуни

Завршни зборови за случајот „Софтвери“, судењето продолжува на 12 јуни

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Судското рочиште за случајот „Софтвери“ продолжи денеска во Основниот кривичен суд – Скопје, со завршни зборови на обвинетите Ивица Димитровски и Игор Христовски.

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, како бранител на професорот Димитровски, рече дека не се исполнети законските услови за предлогот на Обвинителството за изрекување казна и забрана за вршење на професијата.

- Што се однесува до предлогот на Обвинителството за изрекување казна, забрана за вршење на професија дејност при должност кон Ивица Димитровски, сметам дека не се исполнети законските услови за изрекување на истото, бидејќи не постои ниту еден доказ дека Ивица Димитровски ја злоупотребил професијата универзитетски професор заради извршување на кривичното дело или пак може да се очекува во иднина дека ќе ја злоупотреби, ниту пак постои каква било поврзаност на дејствијата што му се ставаат на товар со неговата работа и животен повик за едуцирање студенти, истакна Јошева Анастасовска.

Димитровски пак, во своите завршни зборови зборуваше за неговата кариера откако почнал да работи на ФИНКИ уште од 2005 година и за неговиот интегритет како професор, посочувајќи дека во овие проекти не се вклучил за да се збогати. туку за да даде придонес како експерт.

- Сакам да потенцирам дека никогаш не сум влегол во овие проекти со помислата дека ќе се збогатам, Се ова што сум го работел исклучиво е затоа што е директно поврзано со област за којашто сум докажан експерт и на која работам повеќе од 15 години. Дополнително, проектите беа од огромно општествено и економско значење за целата држава и искрено верував дека со нивната реализација може многу работи да се сменат на подобро, нагласи Димитровски, изразувајќи уверување во правичноста на судот и дека судот ќе ги цени и согледа сите неправилности и неправди што му биле нанесени на него и на неговата фамилија.

Завршни зборови имаа и Игор Христов и неговиот адвокат Стевица Јосифовски, додека на 12 мај во 10 часот  завршни зборови ќе даде поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. сх/бак/

Фото: Принт скрин

Остани поврзан