• вторник, 12 ноември 2024

Заврши 13. Школа за млади лидери

Заврши 13. Школа за млади лидери
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - Во Охрид вчера беше затворена 13-тата Меѓународна школа за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Тринаесеттата Школа за млади лидери на Иванов, на тема „Морално лидерство“, се одржа во периодот од 16 до 30 септември во комбинирано издание, онлајн и во живо. - Свеченото отворање се одржа на 16 септември во Скопје, по што следеа онлајн предавања во периодот од 17 до 23 септември. Од 25 до 29 септември програмата продолжи во живо, едната сесија во Скопје и втората сесија на свечено затворање во Охрид, информираат од Кабинетот на Иванов. Модератори на годинашната Школа за млади лидери беа Даниел Ѓоќески, кој го предводеше онлајн делот од програмата и Гордица Каранфиловска, која ја модерираше програмата во Охрид, а беше и во улога на предавач на школата оваа година. Модератор на свеченото отворање беше проф. д-р. Катерина Вељановска Блажевска, универзитетски професор и експерт за јавни политики и стратешка комуникација. - На вчерашното затворање, покрај Иванов се обрати и поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Клаус, кој воедно во текот на денот одржа и предавање за учесниците на школата. Претседателот Иванов на учесниците кои ја следеа целата програма и успешно ја завршија школата им додели сертификати, а на поддржувачите и ко-организаторите им додели благодарници. Школата успешно ја завршија 37 учесници од Македонија и од странство, кои имаа можност да следат предавања на дваесетина предавачи од Македонија и од странство, се вели во соопштението. Во програмата беше вклучена и посета на Општина Охрид каде на учесниците им се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Една од активностите за учесниците беше работа во групи на проект за дигитално решение за промоција на туризмот во Охрид, а финалните проекти беа презентирани пред градоначалникот на Охрид, со можност за натамошна имплементација на најдобриот проект. Школата за млади лидери е иницијатива на Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 13 обуки, учествуваа околу 520 млади луѓе од земјата и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред дванаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 270 предавачи од земјава, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.  ки/бак/

Остани поврзан