• четврток, 26 декември 2024

Заврши уредување на коритото на Крива Река до спортскиот комплекс

Заврши уредување на коритото на Крива Река до спортскиот комплекс
Крива Паланка, 20 јули 2022 (МИА) - Завршија градежните активности за изградба на минор коритото на Крива Река во централното градско подрачје на Крива Паланка на потегот од Осички мост до спортскиот комплекс во градот.
Со тоа, реализирана е третата фаза за уредување на речното корито на овој потег од градот, а дополнително ќе се уредат уште нови двесте метри во претстојниот период.
–Комплетирани се активностите за изградба на нови 217 метри од коритото на Крива Река, трета фаза. Овој проект се реализираше со грант од Светска банка во висина од околу 6,5 милиони денари. Се работи на потегот од Осички мост до спортскиот комплекс, а освен регулација на коритото, изграден е и нов пешачки мост кој ги поврзува двете страни на спортските содржини, ролерско-велосипедската патека и градскиот спортски комплекс со разновидни содржини. Уредувањето на кејот ќе овозможи и партерно уредување на мајор коритото, изјави градоначалникот Сашко Митовски.
Во претстојниот период ќе се реализира изградба на четвртиот дел од регулацијата на Крива Река, со финансиски средства во висина од 4,6 милиони денари од Министерството за животна средина и просторно планирање.
-За наредната фаза за регулација на минор корито-дел 4, во должина од 200 метри, веќе е потпишан договор со Министерството за животна средина и просторно планирање, а проектот спаѓа во групата инвестициски проекти и ќе се  инвестираат 4.597.309 денари за доуредување на коритото, додаде Митовски.
Проектот се финансира со средства од Програмата за управување со води 2022 на Министерството ќе се изврши регулација на Крива Река од спортскиот центар кон излезот на градот, на вливот на Бабин Дол во реката. ид/мд/

Остани поврзан