• сабота, 23 ноември 2024

Заврши седницата на Анкетната комисија за Онкологија, несогласувања околу предложените заклучоци

Заврши седницата на Анкетната комисија за Онкологија, несогласувања околу предложените заклучоци

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Заврши денешната седница на собраниската Анкетна комисија за Онкологија. Во текот на денот имаше несогласувања меѓу членовите на Комисијата околу заклучоците за утврдување на политичка одговорност.

Претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи соопшти дека политичка одговорност е утврдена кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директори на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Букова, како и тогашните директори на ФЗО Стево Кртсевски и Фатон Ахмети заради прекршување на уставните начела, непостапување согласно надлежностите пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.

Пратениците од СДСМ не се согласија со овие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Побараа оставка од претседателката на Комисијата.

Тие доставија свои заклучоци со кои бараат од ОЈО под итно да ги расчисти сомнежите за злоупотреба на терапија на Клиниката за онкологија, како и потенцијалното негативно влијание врз здравјето и животот на пациентите. 

 - Постоеле долгогодишни системски слабости во функционирањето на Клиниката, констатирани и во извештаите на ДЗР за 2021, 2012 и 2008 година. Се констатира дека до 2017 година не била набавувана современа иновативна терапија за лекување на пациентите на Клиниката. Измените на 333 со кои се дозволува увоз на лекови без сертификат за квалитет од земји надвор од ЕУ преставувал потенцијална опасност од увоз на лекови со сомнително потекло, се вели во заклучоците.

Се бара да се донесе нов начин на финансирање на целокупниот здравствен систем и имплементација на track and trase системот согласно искуството од земјите на ЕУ, модернизација и регионализација на онколошките центри ширум државата.

- Набавката на Централен систем за терапија со нефункционален софтвер и недоволен кадар, не ја исполнил намената за која бил набавен. Со набавката на биолошка терапија од 2017 нагло се зголемува долгот на Клиниката, посебно од 2022 година, но и бројот на пациенти кои се третираат со истата, се дел од заклучоците понудени од СДСМ и коалицијата.

Потребно е, се вели во заклучоците, воведување законски измени за редовни превентивни прегледи за заштита на здравјето на граѓаните.

- Да се спроведат препораките на ДЗР и да се донесат измени во Законот за јавни набавки. Да се обезбеди редовна и квалитетна набавка на лекови на иновативна биолошка терапија, врз основа на измените на Законот директно од производителот. Продолжување на постапката за ревидирање на позитивната листа. Да не се набавува опрема, без соодветен функционален систем и без обезбеден простор и персонал за работа, а опремата и апаратите кои се во функција, веднаш да се стават на располагање на пациентите, е наведено во предложените заклучоци, доставени до Мизрахи, а ги соопшти пратеникот Ненад Коциќ.

Одлуката за формирање на Анкетната комисија беше донесена на 20 септември по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа Клиника. Јавното обвинителство отвори и предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и протести.

Мандатот на оваа Анкетна комисија, како што информираше Мизрахи, треба да заврши на 3 декември. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан