• вторник, 24 декември 2024

Заврши рочиштето во Хаг, конечната пресуда за Ратко Младиќ - следната година

Заврши рочиштето во Хаг, конечната пресуда за Ратко Младиќ - следната година
Хаг, 26 август 2020 (МИА) - Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, неправосилно осуден за геноцид и злосторства во БиХ, изјави денеска пред судот во Хаг дека работел чесно и легално како офицер и дека обвинението против него „паднало во вода“. - Дали е во право претходниот Совет што ме осуди на доживотен затвор? Тие не се во право. Зошто? Тие се во судир на интереси, тие не ја бранеа вистината, туку Холандија и холандскиот баталјон, рече Младиќ, алудирајќи на Сребреница, на крајот на дводневното рочиште за жалбата што ја поднесе против првостепената пресуда. Тој рече дека Сребреница е „клучот за овој судски процес“, опишувајќи како, по падот на енклавата во јули 1995 година, муслимански војник пукал кон него и „промашил“. Како што рече, тој не возвратил, ниту дозволил обезбедувањето да го стори тоа, затоа што војникот имал елек на УНПРОФОР. - Судбината ме донесе да ја бранам мојата држава СФРЈ, која вие западните сили ја расипавте, со помош на Ватикан и таа мафија од Германија, рече Младиќ. Со повишен глас, тој истакна дека „Ратко Младиќ не ја започна војната, и тој не направи план за напад на Југославија“. На 22 ноември 2017 година, Хашкиот трибунал го осуди генералот Младиќ на доживотен затвор за геноцид во Сребреница; прогонство на Хрватите и муслиманите ширум БиХ; тероризирање на населението на Сараево со долготрајно гранатирање и снајперисти и земање за заложници на членови на УНПРОФОР, 1992-95 година. На пресудата жалба вложи и одбраната и обвинителството, кое побара Младиќ да биде осуден за геноцид во уште пет оптшини во БиХ. Правосилната пресуда ќе биде донесена во првата половина од следната година. ссм/

Остани поврзан