• четврток, 26 декември 2024

Заврши реставрацијата на пештерската црква „Света Богородица“ на островот Мал Град, кај Пустец

Заврши реставрацијата на пештерската црква „Света Богородица“ на островот Мал Град, кај Пустец

Дебар, 24 август 2024 (МИА) - Заврши реставрацијата на пештерската црква „Света Богородица“ на островот Мал Град, кај Пустец, Мала Преспа, што се одвиваше под надзор на Регионалната дирекција за културно наследство од Корча.

- Уште едно исполнето ветување за заедницата на Преспа и културното наследство благодарение на работата на Општина Пустец и партнерите. Заврши процесот на реставрација на црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град. На виделина излегоа дел од извонредните византиски фрески, а беше поставен надворешна врата изработена според оригиналната која се наоѓа во музејот на средновековната уметност во Корча, објави Пали Колефски градоначалник на Пустец.

Исто така санирана е и патеката до неа и поставено осветлување со што се добива „прекрасен панорамски поглед и ги евидентира уметничките и архитектонските вредности на објектот“.

- Проектот кој е продолжение на проектот „SmartCulTour“е финансиран од Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, со ангажман на општините Битола и Пустец, Дирекцијата на музеите на Битола, Регионалната дирекција за културно наследство Корча и Младинскиот културен центар – Битола. Оваа соработка ја подигна на ново ниво релацијата меѓу нашите институции и држави, посочува Колефски.

Пештерската црква „Света Богородица“, со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро. Врз основа на записите сочувани на неа, оваа црква претрпела три измени. Во првиот натпис пишува дека основач на црквата е Бојко
со жена му Евдокија во 1345 година. Во вториот натпис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата жена Кали, неговиот син Амирал и неговата ќерка Марија. Третиот натпис датира во 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада. Внатрешноста на црквата е целосно живописна и е доста позната по ѕидните фрески од византискиот палеолошки стил.
Островот Мал Град се наоѓа на три километри североисточно од Пустец, на југоисточниот брег на Преспанското Езеро. вт/цр

Фото: Општина Пустец

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан