• сабота, 23 ноември 2024

Заврши реконструкцијата на чешмата под магистралата А3, кај делчевското село Драмче

Заврши реконструкцијата на чешмата под магистралата А3, кај делчевското село Драмче

Делчево, 22 август 2024 (МИА) - Заврши реконструкцијата на чешмата која се наоѓа под магистралата А3 на патот Делчево – Македонска Каменица во близина на Димовско Маало во село Драмче. Активноста се реализираше на иницијатива на месната заедница во соработка со општествено-одговорна компанија од Делчево.

- Водата беше слаба, односно се чекаше многу време за да си наполнат луѓето. Имавме претходно поднесено барање да се реконструира чешмата, но не ни беше одобрено, но потоа од фирмата Брегал ни излегоа во пресрет и така успеавме да ја реконструираме, истакна Љупчо Спасевски, претседател на Месната заедница од с. Драмче.

Оваа вода, како што додава, редовно се испитува и е докажано најчиста во регионот.

- По завршувањето на реконструкција водата повторно може да се користи, таа редовно се испитува во Центарот за јавно здравје. Овде вода полнат луѓе од секаде, возачите кои поминуваат, но се чекаше по многу време да се наполни. Тука планираме да направиме и потпорен ѕид и клупи за седење, дрвца да поставиме и ако има место за летниковец, додава претседателот на месната заедница во с. Драмче.

Луѓето кои полнат редовно од водата велат дека чешмата никогаш не пресушува.

-Господ здравје да им дава, што решија ова да го направат. Овде редовно полниме вода, таа е квалитетна. Најубава вода е никогаш не престанува, еве празникот Богородица се ближи сè уште ја има, вели жител на Делчево.

Во активностите учествуваа повеќе луѓе кои велат дека продолжуваат со работа на уредување на просторот околу чешмата, очекувајќи работата целосно да биде завршена до крајот на работната недела. вс/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан