• сабота, 23 ноември 2024

Заврши расправата за разрешување на замениците министри

Заврши расправата за разрешување на замениците министри
Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Во Собранието вечерва заврши расправата за разрешување на замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование. Седницата, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери ќе продолжи утре во 14 часот. На дневен ред на оваа седница е и изборот на нови заменици министри.  
 
Во вечерашното продолжение на 104. седница зборуваа само пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката Рашела Мизрахи му порача на премиерот Димитар Ковачевски дека по владеењето на СДСМ ќе има системска, финансиска и општествена одговорност. Мизрахи рече дека во државата се случува тотален колапс во сите сфери.
Пратеничката потсети дека Ковачевски редовно го посетувал штабот на ВМРО-ДПМНЕ и праша дали тој ја заменил реториката „ако не можеш да ги победиш, тогаш приклучи им се“ само за да е блиску до власт без разлика која и да е. 
 
Според пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ оваа Влада во недостаток на резултати секогаш се обидува да се сокрие под превезот на евроинтеграцијата. 
 
-Токму вчера пристигна европскиот шамар за оваа нова владина коалиција. Австрискиот амбасадор јасно укажува со упатување на писмо, но и до членовите на Комисијата за европски прашања во кое јасно ви вели дека го злоупотребувате европското знаме за ваши бизнис интереси, односно за закон кој нема врска со европската регулатива. Тоа е јасен демант дека оваа Влада тешко може да работи на европската иднина на Македонија, рече Петрушевска. 
 
Седницата за реконструкција на Владата тече веќе трета недела. Синоќа беа избрани новите министри од Алијанса за Албанците и СДСМ, а утре се очекува да се гласа за разрешување на замениците министри и да почне дебатата за изборот на нови заменици министри.
 
Премиерот Ковачевски за заменици министри ги предлага Тирон Јајага во Министерството за одбрана, Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда,  Вјолца Бериша во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Маја Манолева во Министерството за здравство и Агим Нухиу во Министерството за образование. ев/бак/

 

Остани поврзан