• сабота, 23 ноември 2024

Заврши расправата за Предлог законот за рамномерен регионален развој, ќе се гласа дополнително

Заврши расправата за Предлог законот за рамномерен регионален развој, ќе се гласа дополнително
Скопје, 26 јануари 2021 (МИА) - Пратениците во Собранието попладнево на пленарна седница расправаа за Дополнетиот предлог на закон за рамномерен регионален развој, во второ читање, со чие спроведување треба да се помогне во намалување на диспаритетот помеѓу регионите во земјава. Пратениците ја завршија расправата, но, по Предлог законот ќе се гласа дополнително. Цели на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој се да се овозможи рамномерен и одржлив развој на целата територија заснован врз моделот на полицентричен развој, намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани, зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, оптимално користење и валоризирање на природното богатство, човечкиот капитал и економските особености на различните региони. Со спроведувањето на политиките треба да се овозможи зачувување и развивање на посебниот идентитет на планските региони, како и нивна афирмација и развој, развој на урбаните подрачја, развој на подрачјата со специфични развојни потреби, развој на селата и поддршка на меѓуопштинската и прекугранична соработка на општините во функција на поттикнување рамномерен регионален развој. Претениците од опозицијата не се сигурни дека и со ова законско решение ќе се намали диспаритетот или нееднаквоста во развојот на регионите, но и во доделувањето на средствата. Побараа на одреден временски период да се контролира колку и со колкави средства се финансираат проекти за одредени региони. Пратениците од опозицијата, пак, велат дека од некаде треба да се почне да се работи на регионалниот рамномерен развој и оти овој закон токму тоа го овозможува. Министерот за локална самоуправа Горан Милевски истакна дека со законот ќе се овозможи рамномерна распределба на средствата за сите региони во земјата. Ќе се развиваат, рече, и урбаните заедници, затоа што во нив живее околу 80 проценти од населението. За поголема контрола, како што рече, и средствата кои се од другите министерства, а се наменети за локалните самоуправи, ќе се доделуваат заедно со оние од Министерството за локална самоуправа преку советот за рамномерен регионален развој, и така ќе се знае за која општина и за кој регион колку средства биле доделени. Во овој дополнет Предлог закон се вградени амандманите усвоени од матичното работно тело, Комисијата за европски прашања на седницата одржана на 20 јануари и усвоени од Законодавно-правната комисија на седницата одржана на 21 јануари. Претходно пред паузата пратениците во рамки на продолжението на 32. седница, дебатираа и за дополнетиот Предлог-закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, во второ читање. Расправата заврши, но најавено беше дека и за него ќе се гласа на некое од продолженијата на оваа седница. сст/дма/

Остани поврзан