• вторник, 12 ноември 2024

Заврши првиот дел од меѓународната уметничка колонија во „Арт поинт - Гумно“

Заврши првиот дел од меѓународната уметничка колонија во „Арт поинт - Гумно“
Скопје, 7 септември 2021 (МИА) – Двајца професори и нивните студенти од Либеречка школа за фотографија од Чешка гостуваа на првиот дел од меѓународната уметничка колонија во „Арт поинт - Гумно“, во село Слоештица, што оваа година е посветена на Блаже Конески. Во период од 26 август до 3 септември, организаторите велат дека преку објективите на своите апарати, чешките уметници, освен по црниот и црвениот конец, трагаа и по златната нишка од платното на везилката распослано низ бајковитите предели на демирхисарското горноселие Слоештица, Базерник, Бабино, Брезово, Мало Илино, Велмевци, Вирово, Мренога. Директорот на Либеречката школа за фотографија, Шимон Пикоус изјави дека фотографиите се инспирирани од слободата на телото, духот и душата. Ова е второ гостување на претставници од Либеречката школа за фотографија од Чешка во „Арт Поинт – Гумно“, откако во 2018 година, девет професори и студенти направија фотодокументација инспирирани од песната на Петре М. Андреевски „Можев да ти бидам“ - Пофалба на Демир Хисар. Поради пандемијата на коронавирусот, меѓународната уметничка колонија е организирана во два дела. Вториот дел ќе се одржи во период од 17 до 26 септември, кога на творечки предизвик ќе се сретнат петмина уметници од Австрија, Литванија, Словенија, Украина и Хрватска. ки/дма/

Остани поврзан