• среда, 25 декември 2024

Заврши најголемата бадникова манифестација на Балканот

Заврши најголемата бадникова манифестација на Балканот

Скопје, 6 јануари 2024 (МИА) - Заврши најголемата бадникова манифестација на Балканот - бадникови поворки, која традиционално се одржува за време на празникот Бадник. Во вкупно 75 градови и села во нашата земја и пет во дијаспората, коледарчињата организирани во групи, најпрво во своите маала, а потоа и здружено во поворка, радосно и достоинствено ја вознесуваа веста за Христовото Раѓање.

Централната манифестација се одржа на плоштадот „Македонија“ во Скопје и на едно место ги собра децата од сите скопски општини кои ја оформија најголемата бадникова поворка. Тие од Камениот мост се упатија кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ на топол прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

-„Ова му е потребно на народот!“, „Така се одржува верата и традицијата!“, „Не’ расплакавте со ангелските гласови на децата“, беа дел од коментарите што ги упатија учесниците и набљудувачите.

Во рамките на манифестацијата, бесплатно беа поделени 2000 божиќни ѕвездички. Божиќниот концерт пак, традиционално предводен од „Златно славејче“ и македонските поп-ѕвезди ги подготви децата во еден глас да ја пеат „Вечниот Бог“. Концертот веќе втора година по ред, беше инклузивен и им овозможи и на глувите и наглуви лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето.

За оваа манифестација, Здружението „Бадникови поворки“ доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности. бт/нд/

Фото: Здружение „Бадникови поворки“ 

Остани поврзан