• сабота, 23 ноември 2024

Заврши заложничката драма во Луцк, киднаперот уапсен, заложниците ослободени

Заврши заложничката драма во Луцк, киднаперот уапсен, заложниците ослободени
Киев, 21 јули 2020 (МИА) - Украинската полиција вечерва го уапси вооружениот маж, кој денеска киднапира автобус со десетина заложници во западниот украински град Луцк. Сите заложници се ослободени, соопшти украинската полиција, пренесуваат британските медиуми. Вооружен маж киднапира автобусот и зеде заложници, а полицијата првично соопшти дека во него имало 20 лица, но подоцна украинската служба за безбедност соопшти дека напаѓачот држел околу 10 заложници. Американските медиуми јавија дека по разговорите со првиот заменик началник на националната полиција, киднаперот ослободи тројца заложници, меѓу кои и бремена жена. Државното обвинителство вечерва соопшти дека човекот се заканил дека далечински ќе активира експлозивна направа што била поставена на друго место, јавија руските медиуми. Тој кажа дека автобусот е миниран и дека друга експлозивна направа се наоѓа на друга локација и може да се активира од далечина. Обвинителството соопшти дека од автобусот биле истрелани неколку истрели и дека се оштетени два прозорца. Според началникот на регионалната полиција Јури Крошко, напаѓачот упатил општи барања на својот профил на Твитер и се пожалил на системот. Полицијата го утврдува идентитетот на киднаперот, а случајот е опишан како „земање заложници“, за што му се заканува затворска казна од седум до 15 години. сд/  

Остани поврзан