• четврток, 26 декември 2024

Заврши вториот ден од расправата за ребалансот на Буџетот, седницата продолжува утре

Заврши вториот ден од расправата за ребалансот на Буџетот, седницата продолжува утре

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Комисијата за финансирање и буџет попладнево ја продолжи седницата за ребалансот на Буџетот. На вториот ден од општтат расправа, пратениците дискутираа околу намалувањето на буџетот на судовите и јавните обвинителства. Според пратениците на опозицијата, институциите од судската власта треба да имаат поголеми буџети, додека, пак, според владините пратеници овој буџет им е премногу со доверба од само два проценти кај граѓаните.

Пратеникот на „Европски фронт“, Сали Мурати нагласи дека како човек што доаѓа од правната фела изразува вознемирост и разочараност околу предложеното намалување на буџетот во судската и обвинителската власт, на Народниот правобранител и на Министерството за односи меѓу заедниците. Тој изрази поддршка за зголемување на буџетите на судовите и јавните обвинителства и најави дека има поднесено седум амандмани за ребалансот на буџетот.

-Ова намалување директно задира во функционалната и буџетската независност на судската и обвинителската власт. Како некој кој доаѓа од судството, морам да нагласам дека ваквиот потег е недопустлив и потенцијално катастрофален за нашиот правен систем. Судската власт и Јавното обвинителство се столбови на нашата демократија и владеење на правото. Од судската власт и Јавното обвинителство се очекува да обезбедат правда за сите граѓани, да ја заштитат законитоста, да се борат против криминалот и корупцијата и да обезбедат владеење  на правда. Како можеме да очекуваме успешно извршување на овие витални функции со намален буџет?, запраша Мурати.

Тој смета дека наместо да се намали, буџетот на овие институции треба да се зголеми.

-Како можеме подобрување на ефикасноста и квалитетот на правдата со намален буџет? Намалувањето на буџетот на Народниот правобранител е директно удар врз виталниот аспект на нашата демократија. Намалувањето на буџетот на оваа институција неизбежно ќе доведе до намалување на капацитетите за истражување на жалбите и поплаките на граѓаните, ограничувањето на теренската работа и директниот контакт со граѓаните, намалување на квалитетот на извештаите и годишните анализи, ограничување на можноста за обука и усовршување на кадрите. Како граѓанин и припадник на помалата заедница сум загрижен бидејќи ние целата концентрација на нашата моќ и нашите проблеми кон афирмирање и зголемување на буџетот на Министерството за односи меѓу заедниците. Бидејќи да сте во позиција на помала заедница и секој ден да бидете обесправени, а не можете во системот да бидете интегрирани како што треба, тоа Министерство е алатка и промотор на нашите прави и слободи. Со ваков буџет на Министерството ќе се загрози имплементацијата на важни проекти во интеграцијата и социјална кохезија, рече Мурати.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во репликата на излагањето на Мурати, истакна дека срамно е судии и обвинителите да дојдат во Собрание и пред пратениците да бараат повеќе средства, кога довербата кај граѓаните за нив е два проценти. 

-Значи, дека 98 проценти не го одобруваат тоа што го прават, затоа што ништо не прават. Ама дошле да побараат повеќе средства затоа што им се нарушил комодитетот. И замислете кога зборуваме за повеќе средства и едните и другите бараат повисоки плати, ама за обвинителите и судиите, а не за стручната служба која работи таму и сметам дека тоа не е исправно. Замислете што се случува, кога ќе им го скратите буџетот кој што и така им е премногу бидејќи имаат само 2 проценти доверба, доаѓаат во Собранието и зошто се кратело и треба да им се овозможи нормално функционирање. Сега да направиме анкета, многу повеќе од 98 проценти не одобруваат ниту да имаат толку средства колку што имаат,затоа што за тие пари што ги земаат ништо и не даваат. Се сложувам дека треба да бидат независно, но господине Сали за тоа треба да покажат перформанси, за тоа треба да бидат задоволни граѓаните, да го расветлуваат криминалот, за тоа едните треба да создаваат обвиненија кои ќе бидат стабилни, а судиите да даваат пресуди. Како граѓанин на оваа држава кој не е задоволен од нивната работа, ќе гласам против предлогот да им  се обезбедат повеќе пари, бидејќи во мерит системот добивате колку за што ќе сработите, рече Стојаноски.

Општата расправа за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Вчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.

Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. 

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска ја прекина седницата и информира дека ќе продолжи утре во 12 часот. фф/нд/

Фото: МИА архива/Принтскрин

Остани поврзан