• среда, 25 декември 2024

Завршен митинг на СДСМ во Скопје: Изборите на 8 мај се последниот повик за Европа и од тоа нема да се откажеме

Завршен митинг на СДСМ во Скопје: Изборите на 8 мај се последниот повик за Европа и од тоа нема да се откажеме

Скопје, 6 мај 2024 (МИА) - Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски на вечерашниот завршен митинг во рамки на претседателската кампања во Скопје истакна дека е сигурен дека на 8 мај, ќе се извојува двојна победа.

Тој ги повика скопјани, но и сите граѓани на државата да размислат кому ќе ја дадат довербата в среда бидејќи, како што рече, ако се дограба ВМРО-ДПМНЕ до власт, последиците можат да бидат непоправливи и на среден и на долг рок, бидејќи според него тоа се луѓе без политичко искуство да водат држава, град или општина.

- Кога ќе ги прашате што ќе правиме со нашето членство во НАТО, кое самите во својата програма го ставија како најголема вредност и најголема контрибуција за безбедноста на Македонија, тие велат ќе го почитуваме Преспанскиот одговор, но никогаш нема да изговориме Северна, рече Пендаровски.

Тие, потенцира Пендаровски, немаат ниту еден конкретен одговор за нашите најголеми стратешки проблеми и дилеми.

-Велат немало да ја менуваат Европската преговарачка рамка, таа ќе останела како што е, меѓутоа ќе барале за возврат од Бугарија да исполнува одлуки на судот во Стразбур. Кога ќе и предочите на госпоѓата дека не е можно од 1957 кога е направена ЕУ, до ден денешен, земја која е кандидат, која не е членка, да условува земја која е членка на ЕУ и кога ќе и кажете дека солидарноста меѓу земјите членки е примарна, не кон оние кои не се членки, таа само превртува со очи и буквално ништо не ви одговара, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на изјавите на неговата противкандидатка дека Рамковниот договор го надминал времето, Пендаровски истакна дека Македонија ќе опстои исклучиво како заедница на потполно рамноправни граѓани.

- Ако можел да функционира 23 години, не гледам причини зошто да одиме по овие забегани теории, заговори и личности кои тврдат дека имале подобри решенија, подвлече Пендаровски.

Ги повика граѓаните на 8 мај масовно да се мобилизираат и да покажат, како што рече, дека знаат да се грижат за себе и за иднината на своите деца.

- Да ја зацементираме иднината на Македонија на магистралата која води кон Европа и развиениот свет, со заокружување на бројот 1, во масовна бројка да им покажеме на оние кои ја замислуваат Македонија како нивна, приватна држава дека нема да успеат, рече Пендаровски.

Претседателот на СДСМ и носител на листата за пратеници во Првата изборна единица, Димитар Ковачевски порача дека двојните избори на 8 мај се последниот повик за Европа и од тоа, нема да се откажат.

- Исто како што не се откажавме изминативе седум години кога се соочивме со многу предизвици, кога се боревме со сите кризи, со пандемијата, инфлацијата, енергетските проблеми. Знаете и самите дека имавме многу подеми и многу падови. Но, во ниту еден момент, ниту се откажавме, ниту се предадовме, ниту се повлековме. Бевме рамо до рамо со граѓаните. Во време на СДСМ платите се зголемија за 120 проценти а пензиите за 55 проценти, со антикризни мерки во висина од над 2,6 милијарди евра и 2,5 повеќе странски директни инвестиции со подобри платени работни места, посочи Ковачевски.

Ковачевски потенцира дека солидарноста, заедништвото, социјалната држава и правдата, се оние кои помогнале да се извлече државата од хаосот што го носеле кризите, но и овозможиле да одиме напред и да постигнеме одлични резултати.

Ковачевски на крај ги наведе зачленувањето во Обединетите Нации, добивањето на кандидатски статус на Македонија за влез во Европската Унија и зачленувањето во НАТО како тешки, но исправни одлуки што се донесени во време кога СДСМ била на власт и порача дека исто така СДСМ заедно со граѓаните, ќе ја внесе земјата и во ЕУ. фф/бак/

Фото: Тим за комуникации „Нашиот претседател - Стево!“/СДСМ

Остани поврзан