• четврток, 26 декември 2024

Завршено асфалтирање на фаза 2 од главната улица во Крива Паланка 

Завршено асфалтирање на фаза 2 од главната улица во Крива Паланка 

Крива Паланка, 18 јули 2024 (МИА) - Градежните работи од проектот за рехабилитација на централната градска улица во Крива Паланка успешно се завршени на трасата од Фаза 2, со која комплетно е асфалтиран коловозот во должина од 540 метри, информираат од локалната самоуправа на општината.

Оваа фаза е на потегот: од мостот кај населбата „Единство" до долот Нимулија и крстосницата кај т.н. „Шанин мост".

- Комплетно е асфалтирана трасата од Фаза 2 на централната градска улица од нас.Единство до Нимулија. Рехабилитација и асфалтирање се извршени на 540 метри од улицата „Св. Јоаким Осоговски", а до конечно завршување на градежните работи на оваа фаза остануваат интервенции на тротоарите и изградба на потпорен ѕид кај м.в.Огледало. Овој капитален проект за рехабилитација на главната улица „Св.Јоаким Осоговски" е вреден 35.000.000 денари, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски со финансии од Светска банка. Покрај реконструкција на улицата, истата на делови се проширува со трета лента за паркирање, се наведува во соопштението од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка.

Оттаму нагласуваат дека фаза 1 од проектот е на потегот од долот „Нимулија" до „Соларски мост", кадешто е планирано регулирање на сообраќајот со кружен тек. Градежните работи од Фаза 1 се планира да започнат во септември. ид/цр


Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан