• среда, 27 ноември 2024

Завршени 58 проценти од експропријацијата и 33 проценти од геотехничките истражувања за автопатите на коридорите 8 и 10Д

Завршени 58 проценти од експропријацијата и 33 проценти од геотехничките истражувања за автопатите  на коридорите 8 и 10Д

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) - Целосно се завршени 58 проценти од проекциите за експропријација, како и 33 проценти од геотехничките истражувања за автопатските делници на коридорите 8 и 10д, покажува Извештајот од надзорот за прогрес на работите за периодот од 1 ноември до 31 декември лани. 

Извештајот, објавен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП покажува активности на изведувачот за експропријација, геотехнички истражувања  и други претходни активности и спецификации за предвидените автопатски делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа - Струга-Ќафасан на Коридор 8 и Прилеп-Битола на Коридор 10 Д.

Исто така, прикажани се и финансиските трансакции помеѓу Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државните патишта во рамките на Програмата за финансирање на патната инфраструктура, односно исплатите што завршуваат кај изведувачот на работите.

Во ноември е реализирана една трансакција во износ од 223.596.680 денари. Во декември имало исплати во четири наврати. На 5 декември се исплатени 245.606.294 денари, на 28 декември две исплати од 669.225.176, односно 261.862.793 денари,  а на 29 декември 1.695.871.044 денари.

Со Програмата за финансирање на патната инфраструктура за овој проект лани беа предвидени 15 милијарди денари, а за годинава за таа намена во буџетот на Министерството за транспорт и врски има  15,1 милијарда денари.

Договорот со изведувачот американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ беше потпишан во март минатата година. лв/ев/

Остани поврзан