• петок, 27 декември 2024

Завод и Музеј - Охрид потпиша Меморандум за соработка со Словачкиот музеј од чешкиот град Ухерске Храдиште

Завод и Музеј - Охрид потпиша Меморандум за соработка со Словачкиот музеј од чешкиот град Ухерске Храдиште

Охрид, 30 септември 2024 (МИА) – Охридскиот Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј потпиша Меморандум за соработка со Словачкиот музеј од Ухерске Храдиште, Република Чешка.

Целта на договорот е да се воспостави рамка за соработка во областа на заштитата на културното наследство, образованието и професионална размена.

Како што се посочува во соопштението од Заводот и Музеј од Охрид, потпишаниот договор ќе придонесе за развој на професионалните активности и размена на искуства и знаења помеѓу двете институции.

Двете страни се обврзуваат да соработуваат при организирање проекти, изложби, едукативни активности и други иницијативи кои придонесуваат за зачувување и промоција на културното наследство. Потоа заедничко учество во програмата „Еразмус+“ што вклучува мобилност на кадри со фокус врз стекнување нови вештини и размена на најдобри практики на полето на музеологијата на професионалните работни места со т.н. „job-shadowing“.

Предвидено е со договорот двете институции да поддржат програми за размена на стручен кадар, вклучително и практиканти фокусирани на стекнување експертиза во заштитата на културното наследство, музејската работа и менаџментот во заштитата на културното наследство, информираат од Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.

Покрај останатото, ќе се соработува во развојот на образовни програми насочени кон зачувување на културното наследство, особено за младите професионалци и пошироката јавност. Предвидена е и организација на заедничкит изложби и други културни настани насочени кон промоција на културното наследство на двете земји. аб/нд/

фото/Завод и Музеј - Охрид

Остани поврзан