• четврток, 26 декември 2024

Забрчанец: Северна Македонија го задржа првото место по транспарентност во регионот

Забрчанец: Северна Македонија го задржа првото место по транспарентност во регионот
Скопје, 28 септември 2021 (МИА) - Горди сме што повторно сме на прво место по отвореност и транспарентност во регионот. Да се биде на последно место во 2016 година, да се стигне до првото место и да се задржи првото место три години по ред, значи волја, одлучност, посветена работа и одговорност. Оваа Влада покажа високо ниво на политичка волја да ги отвори институциите. Воспоставуваме правила и стандарди со цел транспарентноста понатаму да не зависи од политичката волја и од тоа кој е на власт, туку да стане востановена пракса која е задолжителна за секоја институција,  истакна националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, на регионална конференција посветена на отвореноста на извршните институции во регионот, што денеска се одржа во Подгорица. За негувањето на принципите на транспарентност и отчетност на извршната власт говореа и претставници на владини институции и невладини организации од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Во правец на застапеност на овие принципи во регионот Регионалната мрежа на НВО „Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“ (ACTION SEE) , подготви проценка на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на држави од Западен Балкан, според која Северна Македонија е прва, па следат БИХ, Црна Гора и Србија. Според досегашните мерења и критериуми на отвореност, како најотворена според нивото на отвореност и транспарентност во регионот е рангирана Владата на Република Северна Македонија која исполнува дури 83.4 проценти од критериумите. Забрчанец во рамки на панелот „Отвореност на извршната власт на Западен Балкан и Црна Гора“, укажа и на алатките за обезбедување отвореност и транспарентност на Владата и во време на Ковид кризата кога беа отворени веб страни со едукација за мерките за заштита, дневни статистики, како и за јавните набавки поврзани со пандемијата. - Во Ковид времето ја подобривме дигиталната комуникација, а и по завршувањето на пандемијата ќе продолжиме да ги користиме овие алатки. Ние сме прва Влада во регионот, а можеби и во Европа која воведе прес-конференции преку онлајн видео врски, во која можат да учествуваат сите регистрирани и акредитирани новинари и директно да поставуваат прашања. На овој начин и на новинарите од медиумите од внатрешноста им овозможивме директна комуникација со Владата, нагласи Забрчанец. Националниот координатор за стратегиски комуникации потенцираше дека одговорно владеење значи постојано унапредување на отвореноста и отчетноста на институциите и со тоа кај демократските власти не смее да има компромис. - Негувањето на принципот на транспарентност е прашање на одговорност на Владата. Ако сакате власт по секоја цена – ќе ги криете информациите, но ако сакате да работите во правец на унапредување на својата земја, ќе бидете транспарентни, рече Забрчанец. см/сп/

Остани поврзан