• четврток, 26 декември 2024

Забрзан пораст на новозаболени од Ковид 19 во Кичево

Забрзан пораст на новозаболени од Ковид 19 во Кичево
Кичево, 25 март 2021 (МИА) - По двомесечна стагнација, од средината на минатата недела бројот на новозаболени од Ковид 19 во Кичево е во постојан пораст. Мнозинството се  заразени со британскиот сој на коронавирусот, повеќемина се со потешки последици, а зголемен е и процентот на смртни случаи, информира Неџат Балажи, началник во кичевската Општа болница. Посочи дека ако продолжи овој интензитет на новозаболени, ковид центарот ќе биде претесен да ги прими сите новозаболени. - Кога се изгради модуларниот ковид центар, дел вработени посочуваа дека овој центар со својот капацитет од 45 кревети е преголем, но како што галопира бројот на новозаболени и само денеска имаме пораст од  9 нови лица, тогаш може да се очекува кон средината на наредната недела неговиот капацитет да биде целосно пополнет и не е исклучено дел од новозаболените да не можат да бидат и примени, вели др Неџат Балажи, кој појасни дека овој заклучок доаѓа од бројката на граѓани кои секојдневно се тестираат, одат на ренген или во лабораторија. - Деновиве состојбата со новозаболени од Ковид 19 во нашиот град е загржувачка бидејќи огромен е притисокот на граѓани да се тестираат, да се снимат на ренген или направат лабораториска анализа, вели тој. Дневен капацитет од 30 тестови е редовно пополнет, подвлекува, и се прават дополнителни тестови во останатиот дел од денот, кога има болни со потешки симптоми. - Денеска во нашиот ковид центар се хоспитализирани  27 лица, додава Балажи, посочувајќи оти две лица од хоспитализираните се со тешка клиничка слика, но поради немање место на скопските клиники тие остануваат во ковид центарот во Кичево. Напомена дека од вчера е зголемен бројот на ангажирани во ковид центарот и ако продолжи притисокот на новозаболени, најави дека сите ќе бидат вклучени во лекувањето на болните од Ковид 19. за/цр

Остани поврзан