• петок, 27 декември 2024

„Забранетата соба“ на листата со 200 најдобри книги за деца и млади од целиот свет

„Забранетата соба“ на листата со 200 најдобри книги за деца и млади од целиот свет

Скопје, 10 октомври 2024

Збирката страшни приказни „Забранетата соба“ на Александра Симова Клинчарова, со илустрации на Хари Дудески, во издание на „Чудна шума“ е единствена книга од Македонија што е вклучена во престижната листа „Бели гаврани“ (White Ravens) на 200 најдобри книги од целиот свет за 2024 година. 

Неколку дена пред почетокот на саемот на книга во Франкфурт, кој годинава се одржува од 16 до 20 октомври, се објавува престижниот каталог „Бели гаврани“ (White Ravens) и содржи листа од 200 најдобри книги за деца и млади за тековната година. Во овогодинешното издание е вклучена збирката „Забранетата соба“ на Симова-Клинчарова. Каталогот ќе биде промовиран на саемот во Франкфурт, додека изложбата на двестоте најдобри книги за 2024 година ќе се случи следната година, на саемот за книги за деца и млади во Болоња.

Рецензијата во каталогот вели: 
„Галерија со живи портрети на предците чии очи ги следат посетителите во куќата, огледала кои гледаат во минатото, забранета соба, мистериозни средби со луѓе кои се живи само ноќе, таен дневник, чудни звуци и тропања од подрумот – сите овие нешта можат да бидат најдени во кратката збирка на приказни излезени од перото на Александра Симова Клинчарова. Сите девет кратки приказни се напишани од перспектива на дете или тинејџер, сите се наелектризирани со вообичаените елементи кои се наоѓаат во страшните приказни од жанрот хорор. И се чувствуваш прекрасно кога ќе се исплашиш. Приказните навидум извираат од едно време, одамна заборавено, закопан длабоко во сеќавањето. Посебна атракција – една типична за фантастичните приказни – е фактот дека овие приказни остануваат незавршени. Тие им даваат на читателите само навестување за крајот и конечно го оставаат отворено прашањето за тоа што се крие зад овие необични и фантастични феномени.“
Катја Вибе (Katja Wiebe), „Бели гаврани“ (White Ravens), 2024

Минатата година, во каталогот „Бели гаврани“ за 2023 година, влезе книгата „Тигар на улица“ на Билјана С. Црвенковска и илустрации на Катерина Николовска, исто во издание на Чудна шума.

 

Книжарница „Чудна шума“

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан