• сабота, 28 декември 2024

Забелешките на законот за работни односи се во делот на колективните договори и договорите на определено време, вели Тренчевска

Забелешките на законот за работни односи се во делот на колективните договори и договорите на определено време, вели Тренчевска

Скопје, 24 јануари 2023 (МИА) - Најголем дел од забелешките за Законот за работни односи се во делот на колективните договори, но и на договорите за определено време иако за важноста на договорите за определено време сме усогласени, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Верува дека до крајот на одржувањето на јавните расправи целосно ќе ги усогласат ставовите меѓу работодавачите, синдикатите и Владата.

Очекува законот да биде усвоен до крајот на првата или почетокот на втората половина од годинава.

Во однос на договорите на определено време, Тренчевска појасни дека сега времетраењето на овие договори ќе биде две години и не ќе може еден работник повеќе од трипати да потпишува анекс на договорот.

- Доколку после две години работодавачот има потреба од работникот, тој е должен да му го трансферира работниот однос од определено на неопределено време. Со заштитниот механизам да не може повеќе од трипати да се потпише анекс на договор, правиме унапредување и поголема заштита на работиците затоа што анализите покажуваат дека досега договорите на определено време, особено можноста секој месец да се потпишува нов анекс со работниците, беа предмет на злоупотреба и непочитување на тоа што е интенцијата на законодавецот во постоечкиот Закон за работни односи, рече Тренчевска.

Во однос на казнивоста, министерката посочи дека анализите на Државниот трудов инспекторат покажале дека не може опомена да се дава за дело што е тешка повреда на правата од работен однос. Поради тоа, направена е дистикција на полесни и потешки прекршувања на законот. Опомената, како што посочи, е за мал дел на прекршувања како што е на пример случајот ако договорот за вработување не стои во седиштето на работодавачот, а во случај на пример ако не се исплаќаат додатоци тогаш ќе се изрекува директно прекршочна глоба.

Во делот за породилното отсуство од Законот за работни односи, Тренчевска уште еднаш повтори дека нема кратење на породилното отсуство.

- Значи, периодот којшто и во моментов го има жената која ќе роди едно дете – девет месеци од постојниот Закон продолжува и во новиот закон. Кај татковството воведуваме ново право. Татковство во период од 15 дена за раѓање на едно дете или 20 дена ако се родат две и повеќе деца, право на платено отсуство на таткото. Покрај мајчинството и татковството имаме и родителско отсуство, односно четири месеци за родителско отсуство и ако ги собереме сите отсуства вкупно имаме 13 и пол месеци коишто ги даваме на двајцата родители за да може да бидат со своето дете до двегодишна возраст, рече Тренчевска. мс/бак/

Остани поврзан