• вторник, 24 декември 2024

Забележан најголем пораст на населението во Англија и Велс во последните 75 години

Забележан најголем пораст на населението во Англија и Велс во последните 75 години

Лондон, 15 јули 2024 (МИА) - Рекордната имиграција во Обединетото Кралство предизвика пораст на населението на Англија и Велс за 610.000 на 60,9 милиони во средината на 2023 година, што е најголем годишен пораст во последните 75 години, покажаа денеска официјалните податоци.

Природниот пораст на населението, или разликата меѓу бројот на родени и починати, се намали на само 400, што е најниско од 1978 година, додека нето меѓународната миграција се искачи на 622.000 од 548.500 во претходните 12 месеци.

Во исто време, 13.800 луѓе се преселиле од Англија и Велс во Шкотска или Северна Ирска.

Британската канцеларија за национална статистика соопшти дека порастот на населението во Англија и Велс е најголем од 1948 година, кога порастот на раѓањата и враќањето на британскиот воен персонал по Втората светска војна предизвика пораст од 1,5 милиони.

Населението на целото Обединето Кралство беше 67,6 милиони луѓе во средината на 2022 година, а бројките за 2023 година сè уште не се достапни.

Економското производство не го следи растот на населението, а врз основа на привремените податоци за населението, бруто домашниот производ по глава на жител во 2023 година беше за 0,7 отсто помал од претходната година.

Нето миграцијата во Обединетото Кралство достигна рекордни 764.000 во 2022 година и падна за 10 отсто на 685.000 во 2023 година, што е двојно повеќе од нивото во 2015 година, непосредно пред референдумот за Брегзит. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан