Жоао Кравињо именуван за нов специјален претставник на ЕУ за регионот на Сахел
- Советот на ЕУ денеска го назначи поранешниот португалски министер за надворешни работи Жоао Гомеш Кравињо за нов специјален претставник на Европската Унија за регионот на Сахел, позиција на која ќе ја наследи Емануела Клаудија Дел Ре.
Брисел, 18 ноември 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска го назначи поранешниот португалски министер за надворешни работи Жоао Гомеш Кравињо за нов специјален претставник на Европската Унија за регионот на Сахел, позиција на која ќе ја наследи Емануела Клаудија Дел Ре.
Како што соопшти Советот, Кравињо ќе има задача активно да придонесе во регионалните и меѓународните напори за постигнување траен мир, безбедност, стабилност и одржлив развој во овој африкански регион, кој ги опфаќа Буркина Фасо, Мавританија, Мали, Нигер и Чад.
- Специјалниот претставник на ЕУ, исто така, ќе се ангажира со земјите од басенот на езерото Чад и други држави и регионални или меѓународни ентитети од и надвор од регионот, како оние од реоните на Магреб и Гвинејанскиот Залив и со соседните земји кои се погодени од настаните во Сахел, се додава во соопштението,
Кравињо ќе ја преземе новата должности на 1 декември, со првичен мандат во траење од 21 месец.
Тој беше шеф на португалската дипломатија од 2022 до 2024 година, а пред тоа и министер за национална одбрана, амбасадор на ЕУ во Бразил и во Индија и државен секретар за надворешни работи и соработка на Португалија. Во својата кариера Кравињо бил предавач по меѓународни односи на Универзитетот во Коимбра и претседател на Португалскиот институт за соработка.
Специјалните претставници на ЕУ се именуваат на предлог на високиот претставник за надворешна политика и безбедност со задача за промовирање на политиките и интересите на Унијата во одредени региони или земји, како и за прашања од особена грижа или интерес за блокот. Во моментов ЕУ има 11 специјални претставници, кои имаат активна улога во напорите за консолидирање на мирот, стабилноста и владеењето на правото. сп/
Фото: МИА Архива