• недела, 24 ноември 2024

Жителите од две села во општина Долнени протестираат поради лошиот пат

Жителите од две села во општина Долнени протестираат поради лошиот пат

Прилеп, 25 февруари 2020 (МИА) - Околу 200 жители од селата Вранче и Средорек, општина Долнени сметата дека се отсечени зашто патот што треба да ги поврзува селата со целата општина е во катастрофална состојба. Жителите протестираа и бараат барем да им се тампонира патот, по кој има големи дупки, а возилата тешко поминуваат.

Димче Ристески од селото Средорек опишува дека не може да го предадат млекото за откуп поради патот.

-Го носам млекото за откуп, секој ден по 100 до 150 литри и секој ден по 10-тина литри истурам попат. Молевме во локалната самоуправа ама ништо, немало средства. Инаку, два до трипати се правени проекти за патот. Сите ни ветуваат, ама ништо. Осум години не е ништо направено. Кога врне, се е каливно на возилата, полицијата не запира за технички преглед, вели Ристески.

Патот помеѓу селата Вранче и Средорек е во должина од околу 2,5 километри. Исто толку е долг уништениот пат од селото Белополе до Вранче. Младиот земјоделец и сточар Дарко Николоски од селото Вранче вели дека ниту превозникот може да ги носи децата на училиште.

-Имаме огромен проблем. Од Белополе преку Вранче до Средорек ниту еден камион не сака да дојде, ниту млекарниците да го откупат млекото. особено од Вранче до Средорек. Млакото ни го преземаат евтино поради патот што не чини. До Средорек ниту возилото на Итната помош не може да стигне. Ниту превозникот со комбито што ги носи децата на училиште вели дека не може да ги превезе. Јас сум земјоделец и сточар и ниту производи не може да донесам ниту да однесам поради патот. не бараме работа, туку да ни се направи патот, објаснува Николоски.

Долненското село Вранче брои над 100 жители, а Средорек околу 80. Загрижено и револтирано велат дека ги терааат да се иселат, а не бараат ништо освен да им се направи патот кој еднаш, пред осум години бил тампониран. Од локалната самоуправа добиле одговор дека нема пари за патот.

Според локалните власти на општина Долнени, нема пари во буџетот, се плаќале заостанати долгови на предходната локална власт. Но, најверојатно ќе излезат на терен за колку-толку да го тампонираат патот од Вранче до Средорек. ем/ир

Остани поврзан