Жителите на селото Акротири во близина на британските бази на Кипар се враќаат во нивните домови
- Одлуката за евакуација на селото Акротири во непосредна близина на британските воени бази во југоисточниот дел на Кипар, не е продолжена, со што жителите, по десет дена ќе се вратат во нивните домови, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 13 март 2026 (МИА) – Одлуката за евакуација на селото Акротири во непосредна близина на британските воени бази во југоисточниот дел на Кипар, не е продолжена, со што жителите, по десет дена ќе се вратат во нивните домови, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за внатрешни работи на Кипар соопштија дека во координација со другите надлежни државни власти, ја разгледале ситуацијата во последните денови во Акротири и според направената процена, било одлучено дека „во оваа фаза режимот на евакуација во областа нема да биде продолжен“.
- И покрај укинувањето на состојбата на евакуација, областа останува во зголемена подготвеност, а ситуацијата континуирано ќе се проценува со цел навремено преземање мерки доколку се појави нова потреба. Во овој контекст, тимови на цивилната одбрана превентивно остануваат на терен и продолжуваат да патролираат во регионот, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Селото беше евакуирано минатата седмица веднаш по нападот со беспилотно летало врз британските воени бази, а жителите беа во привремено сместување или кај нивни роднини.
Портпаролот на Генералната дирекција на Цивилната одбрана на Кипар, Панајотис Лиасидис во четвртокот за МИА рече дека во понудениот привремен престој, сместени се околу 250 лица. ср/мс/
Фото: МИА