• четврток, 26 декември 2024

Жителите на Кисела Вода кои аплицирале за инвертери викендов ќе ги предаваат старите печки

Жителите на Кисела Вода кои аплицирале за инвертери викендов ќе ги предаваат старите печки
Скопје, 30 октомври 2020 (МИА) - Жителите на Општината Кисела Вода кои аплицирале за субвенции за набавка на клима инвертери и добиле мејл од Град Скопје, во текот на претстојниов викенд ќе можат да ги предадат своите стари печки на дрва или на нафта во дворот на средното училиште „Васил Антевски- Дрен“. Акцијата ќе трае од 10 до 16 часот. Од Град Скопје информираат дека до нив пристигнале 5.000 апликации, а од Општината Кисела Вода пристигнале 787 апликации на овој јавен повик. Посочуваат дека изминатите викенди, вакви акции за предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима уреди за затоплување се организираа во општините Сарај, Шуто Оризари, Карпош, Гази Баба и Аеродром. - Значајно е да се нагласи дека во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, за да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства, наведуваат од Град Скопје. Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата ги опфатила граѓаните кои купиле инвертер од 01 јануари 2020 година, до завршувањето на повикот на 30 ноември 2020 години или до денот на исцрпување на средствата. На овој повик граѓаните можеа да аплицираат онлајн. Според условите во повикот, од Град Скопје посочуваат дека на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ. Отааму потенцираат дека целта на јавниот повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима уреди е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци кои чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.фф/дма/

Остани поврзан