• четврток, 05 март 2026

Животните приказни на Братислав Димитров: Сега навистина личиш на Џемс Дин

Животните приказни на Братислав Димитров: Сега навистина личиш на Џемс Дин

Скопје, 2 февруари 2026, (МИА)

Братислав ДИМИТРОВ

Во минатото тепачките беа фер. А не како денес, во чопор. Со ножеви, пиштоли и распрскувачки материјали. Со покриен задник од партија, тате, бате, вујче и чиче, појачано со балдска на „положај“. И ај сега оди тепај се со такви џукели. Нема шанси. Уште и ако ти насскаат некој „пит-бул“, ти ќе му загорчиш кариера на секој хирург. Во опасни ситуации, наместо присуство на духот, најсигурно е отсуство на телото. Затоа младите бегаат од Македонија. Одат во некои држави каде што освен ударите на судбината, сите други се забранети.

Во старо време најмногу се дружевме со тие чиј „шарм“ ги тераше женските да одат кај други машки. Судбина. Живеевме во една голема чекална научно наречена „социјализам“. Чекавме за млеко, кафе, стан, бензин, лева брава за „фичо“ и билет за „Прохујало са вихором“. А за женска се чекаше колку за „лада жигули“ во Бугарија. Народниот обичај „ништо пред брак“ ги натера тие што не можеа да издржат без „онаа работа“ да се женат млади и зелени. Останатите се снаоѓаа. Најчесто одеа на море кај што летуваа Швеѓанки. Па ако онадат некоја, тоа им држеше влага цела година.

За разлика од денес, другарството беше на цена. Инаку, како ќе служиш воен рок во некоја вукојебина со „задња пошта, ако немаш кому да му ја оставиш женската да ја чува? Ти таму чистиш нужници и се валкаш во прашина и кал, а дома сурија суруши ја канат твојата девојка за да ѝ ја покажат својата најнова гарнитура, „тросед на расклапање“. Верна ти е, ама тоа „расклапање“ може да испадне и нешто друго, боже ме прости.

Ете во такви изострени и отежнати услови за љубовџисување, се случи тоа што се случи. Во тоа време имаше неколку главни фази во нашите социјалистички животи: диплома, војска, работа и женачка. Аце себеси се сметаше за едниствен наследник на Џемс Дин. Исто фризурче, кошулче, намрштен поглед и удирање во ѕид со „фичото“, го оправдаа неговиот прекар. Живееше многу побргу од другите. Почна од крајот на класичната процедура и драматуршки ја комплицира целата приказна.

Во тогашната наша држава СФРЈ во која секој петти жител беше неписмен, Боге доживеа метеорски моменти. Стана погонски инженер и реши да оди во војска. Никој немаше против. Војската не ја прашавме. И Аце Џемс Дин ништо не кажа.

Дојде и тој ден. Откако испивме неколку гранапи пиво, од дома до перонот испокинавме гласни жици со патриотски песни: „Ој другови јел вам жао, растанак се примакаооо... примакаооо...“ Боге се качи во купето „не нагињи се кроз прозор“. И пред да тргне експресниот воз, што патем стоеше во Врање, Бујановац, Грделица, Сурдулица, Лесковац, Алексинац и неколку чешми, Боге му свика на Аце Џемс Дин: „Чувај ми ја Маре!“ Беа цимери уште од бебиња. Нивните мајки се породија речиси истовремено и лежеа во болницата кревет до кревет, со обајцата посерковци. Од тогаш, па сè до овој момент, беа неразделни другари.

Што да кажеме за оваа филмска реплика? Ништо. Уште другиот ден ја однел Маре „Кај Апче“ на две топчиња сладолед, потопени во криглите со боза и одма ја прашал: „Сакаш да одиме у кино?“ Отишле. Беше пролет како во песните на Лорка, боенките во „Росица“ и алеграта на Вивалди. Па сега ти види. Со пролет нема заебанција, особено по долга и сурова зима. Како за малер, и филмот што го гледале бил хорор. Што од страв што од нешто друго, Маре се стуткала во Аце „Џемсика“ и така останала неколку дена. Гарнитурата тросед само еднаш ја расклопиле.

Примерниот војник Боге, многукратен давател на крв, добил наградно отсуство и радосно дошол дома. Идните членови на „Вистиномер“, а тогаш кодоши, му ги откриле шпанските детали на случајот со неговата девојка Маре. Се сретнаа точно на пладне. Боге долго гледа во очите на Аце и со сибирска нијанса во гласот го прашува: „Зошто бе, Аце? Зошто?“ Љубовта никој не успеал да ја објасни. Аце го џитка вињакот на екс и нарачува уште една дупла тура. Дури на седмиот вињак Аце Џемс Дин го искористува својот момент на вистина: „Нема никогаш да дипломирам. Мразам војска. Тешко поднесувам работа...“ „А како поднесуваш ќотек?“, го пресече Боге.

Излегуваат од бифето сами. По извесно време, се враќаат со модринки, џумки и крв, посебно Боге. Откако нарачаа уште по два дупли вињака, Боге си ја отвори душата: „Пу, да ти тибам судбината. Цело време давам крв!“ Аце му подава „палома“ марамче. Гест што во тоа време се сметаше за големо внимание и луксуз. Особено после долгата употреба на оние мрсулави штофани марамчиња. „А јас како изгледам?“, се заинтересира Аце за својот изглед. „Сега навистина личиш ма Џемс Дин, по сообраќајката“, му одговори Боге и го удри уште еднаш помеѓу чарне очи, нервозен дека му доцни вињакот.

Боге го скрати своето наградно отсуство и се врати во касарната во Бајина Башта. Даде молба и доби прекоманда најдалеку од местото на настанот. Кога стомакот на Маре стана како лубенче, бидна и свадбата. Аце веќе не беше „Џемс Дин“. Стана домаќин. Каква беше свадбата? За Гинис. Во ретките и кратки паузи не можеа да ги препознаат музикантите. Целите беа облепени со парите на тие што нарачуваа песни. Башка чочеци на маса, а многу весељаци и под маса. Додека бабите се шушукаа премногу гласно за оговарање, нашиот маалски мислител Мане Кант резигнирано изјави: „Ќе дојдат уште пострашни времиња. Ќе ја оставиш женската на чување и никој нема ни да ја погледне“. И дојдоа. Заедно со депилација на мажите.

На свадбата сите се фотографираа за спомен и долго сеќавање. И проблемот со модринките, џумките и рецките на Аце беа решени. Креативниот тим на „Фото мајсторче“ ги ретушира фотографиите. Сите изгледаа како да излегле од холивудски филм, кандидиран за „Оскар“.

Животот продолжи понатаму. А ние бевме понаваму.

Остани поврзан