Животните приказни на Братислав Димитров: Најдолгата ноќ на Изабел
- Седиме, значи, на тоа плажата и правиме панорамски снимки на теренот. Една група Французинки весело играат одбојка додека околу нив се тркала она нивно француско „р“. Не сме некои „суруши“, ама одбојка во бикини е обемен материјал и за најголем грешник што тргнал на исповед. Во еден момент нивната топка се стркала до нозете на Злате и неговите славни нокти, инспирирани од поемата „Тга за југ“. Тој со манир на офицер и џентлмен ѝ ја подава топката на Изабел, која кажа дека останува уште само два дена на плажата, на која се мота и нашиот Злате. И сега пази овде: Попладнето одат на плажа. Вечерта излегуваат заедно. Другиот ден Злате не ја ни погледнува Изабел.
Скопје, 9 февруари 2026, (МИА)
Братислав ДИМИТРОВ
Тоа беа времиња кога никој, никаде и никогаш не брзаше. Комунизмот беше измислен за да може човештвото да се одмори. Проблемот настана кога тоа сите буквално го сфатија и не престанаа да се одмораат. Така победи капитализмот. Тогаш нашиот угледен маалски филозоф Мане Кант, тажно воздивна: „Нè победија со фармерки, кока-кола и „Битлси“. Кешки да беше само тоа. Сол на лута рана нѝ ставаше и оној порочен Холивуд. Со сите оние длабоки шлицови и голи грбинки, што се врцкаат на црвениот тепих. Додека ние овде гледавме строги лица во тегет костимчиња закопчани до грло. Брош и пунџа се подразбираа.
Тамошните политичари, се сликаа со старлети, фотомодели, манекенки, глумици и пеачки и се кезеа без ниту еден расипан заб. А нашиве намќори ги снимаа за ударни вести во рударски окна. Со шлем на глава помеѓу ќумуросани работници, на кои редовно им ветуваа поголема плата. Шетаа во фабрички хали длабоко загрижени за социјалистичкиот развој. Загледани во машините, ги храбреа работничките (облечени во сини мантилчиња и боросанки) да ја натфрлаат нормата повеќе од истиот период лани.
Во тоа далечно минато, времето стоеше. Тоа беше голема предност, но и маана истовремено. Дремевме ко мисири на... да не кажам на што. И наместо во животот, најчесто доживувавме авантури на филмското платно. Сепак, се снаоѓавме. Едно другарче чекаше неговите родители да добијат стан, за да побегне од дома. Мојот случај беше многу потежок. Мене родителите ме молеа да побегнам од дома. Разбирливо. Учев во две осмолетки, четири гимназии, едно стручно школо и два факултети. Што научив? Ништо. Животот ме научи. Така стигнав до мојот основен принцип: како го замразив социјализмот, а никогаш не го засакав капитализмот.
Денес е недела, 9 Сечко (февруари) илјада деветстототини и... не ме прашуј која година. Ден на преместување на моштите на св. Јован Златоуст. А ние копиљаците се преместивме од „Тафталиџе“ до касата на кино „Карпош“. Ѕенѕаме, ѕемнеме и се ѕвериме на сите страни за да дојдеме до билет за филмот „И господ ја создаде жената“. Препродавачи, тапкароши или шиткачи, нè одраа со своите цени. Тоа беше неофицијален почеток на капитализмот во нашиот социјализам, со комунистичка идеологија. Во тој филм, госпожата Брижит Бардо покажува еден дел од голото тело, срам ми е да кажам кој. Тоа траеше само една секунда и ние филмот го гледавме многу пати. Бевме тинејџери и нѝ требаше инспирација за под јорганче, се знае зошто.
Во социјализмот за мрзлив човек се сметаше само тој што не се преправа дека работи. Во капитализмот тој што се преправа, а не е глумец или политичар, одма добива отказ. Не го спасуваат ни Ванчо Муратовски и Чак Норис заедно. Има многу разлики. Пријател е човек кого го познаваш доволно долго за да му земеш пари на заем, но не го познаваш доволно долго за да му дадеш пари на заем. Во капитализмот никој не дава пари на заем. Наводно, за да не го расипеле пријателството. Чиста пропаганда.
За школството не сум компетентен, зашто најчесто бегав од часови. За среќа, тогаш имаше „кино утро“ од 10 часот. Тоа беше најхуманата институција на сите времиња. Наместо да се тресеш над тестот по математика, ти уживаш во филмската уметност. Мерлин Монро излегува од океан и успева најмногу да истисне од своето бикини. За тие што не знаат, имаше предлог Мерлинка да биде прогласена за американско национално богатство. Го убија претседателот Џон Кенеди и случајот се забошоти.
Идеолошката борба продолжи и ние не седевме со скрстени раце. Под итно го измисливме ќошето. Тука ги утепавме. И во капитализмот има ќошиња, ама тоа е чиста формалност. Нема кој да ги користи затоа што никогаш немаат време. Тие живеат за да работат. А ние работиме за да живееме. Како живееме? Не биди ситничар! Сите важни состаноци се договараа на некое ќоше. До „Грација”, „Трујачот”, „На-Ма”, „Пелистер”, „Рекорд”, „Ванила”, „Кругче”, „Пред школка...“ Мојата генерација имаше повеќе ќошиња, отколку девојки. Но ќошето никогаш не го загуби својот сјај и важност во нашиот развој и среќа. Требаше само една младост и фантазија.
Во лето подготовките за на море беа темелни. Ние шизиците со вреќи за спиење и богата колекција на конзерви. А размазените бубалици во синдикални и феријални летувалишта. На море сме. Тоа најчесто беше Улцињ со својата „Велика плажа“. Летувалец што барем еднаш не се закопал комплетно во песок, џабе си го арчел времето. Стигнавме во сабота сабајле, јас, Петре и Злате. Седиме, значи, на тоа плажата и правиме панорамски снимки на теренот. Една група Французинки весело играат одбојка додека околу нив се тркала она нивно француско „р“. Не сме некои „суруши“, ама одбојка во бикини е обемен материјал и за најголем грешник што тргнал на исповед.
Во еден момент нивната топка се стркала до нозете на Злате и неговите славни нокти, инспирирани од поемата „Тга за југ“. Тој со манир на офицер и џентлмен ѝ ја подава топката на Изабел, која кажа дека останува уште само два дена на плажата, на која се мота и нашиот Злате. И сега пази овде: Попладнето одат на плажа. Вечерта излегуваат заедно. Другиот ден Злате не ја ни погледнува Изабел, делумно и заради технички причини. Се закопал во тоа песокот и само едно парче фаца му се гледа. Морбидна глетка, во секој случај. Изабел доаѓа до него и се обидува да го откопа, но веднаш се откажува. Нашиов „мачо“ зачкртува со забите, кои виделе забар само на филм.
Девојката простодушно и зачудено прашува: „Во што е проблемот?“ Нема никаков проблем, мадам. Ова е класичен судир на цивилизации. Вие сте од Париз, а наш Злате е од населбата „Пролече“. Каква врска има тоа со...? Никаква! Затоа случајов не може да се објасни. Вечерта кљамчиме пред шаторското крило и кроиме планови за луда забава. Патем, Петре на гитара ја дотеруваше песната „Имејџен“. Јас решавав дали да станам писател ако ме одбијат на земјоделски. Злате ја гланцаше својата кришка леб со паштета „Гавриловиќ“, очигледно решен „да не попушта“. На другата страна шлапкаа брановите, додека Мишел ги трошеше последните резерви коњак и „житан“ прашувајќи се цела ноќ, „што се случува... што се случува...“?
Кога ќе размислиш добро, Злате изведе голем драматуршки зафат. Приказна што бара многу повеќе време и простор, тој ја смести во само три дена. Запозна женска, одеше со неа едно попладне, вечерта ѝ се скара, другиот ден тотално ја игнорира, третиот ден сабајле се смирува и навечер ја испраќа за Париз! Голема љубовна романса со минимум трошкови.
И покрај сè, живеевме мирно и среќно. Феномен кој никој не може да го објасни. Освен љубовџиските работи. Тука никој не може со нас. Во тоа далечно време се роди поговороката. „Љубовта е за сиромасите“. Е па ете, ним им паднало најголемото богатство.
СТРУЧНА ЛИТЕРАТУРА:
Оскар Шпенглер: „Залез на Западот“ (1918-1922)
Коста Солев Рацин: „Бели мугри“ 1939. „ ...работат за туѓи бели дворови... “
Мишел Уелбек: „Елементарни честички“ 2000-та година. „Во овој роман, тој директно и безмилосно ја напаѓа сексуалната револуција од 60-тите, хедонизмот, феминизмот, индивидуализмот и „ослободувањето“ кое доведе до емоционална пустош, осаменост, неможност за вистинска љубов и крајна дегенерација на човечките односи во Западната цивилизација...“
Џефри Епстин (Епштајн) 2026 година. „Самоубиство од заседа“.
„Македонски експерти“: Книгата се печати.