• четврток, 26 декември 2024

Живковиќ: Нема да дозволиме злоупотреба на мерките за помош, тие се за спас на работните места

Живковиќ: Нема да дозволиме злоупотреба на мерките за помош, тие се за спас на работните места
Скопје, 2 мај 2020 Го дочекавме празникот на трудот, Први мај, во услови како никогаш досега. Целиот свет се бори со невидливиот непријател наречен Ковид-19. Прекинати се работните процеси на голем број на фирми - милиони работнички и работници ширум светот седат дома и се придржуваат на правилата за социјално дистанцирање. Како држава реагиравме брзо, а институциите одлучно и дисциплинирано се носат со одговорноста за справување со ризиците кои ги носи Ковид-19. И кај нас дел од преземените мерки беа во насока на прекинување на работните процеси – во некои сектори тоа значеше целосен прекин на функционирањето а во некои само парцијално. Некои од компаниите го трансформираа начинот на работење и воведоа „работа од дома“ – некои од компаниите отпочнаа проекти за реновирање на своите капацитети или пак за трансформација на постоечкото производство во она што е сега есенцијално за пазарот во моменти на криза – а некои од компаниите покажуваат и раст во своите приходи. Граѓанките и граѓаните со почитување на мерките за социјално дистанцирање се солидаризираа со сите оние кои се во првите линии на борба со вирусот. Многу фирми од технолошкиот сектор изнајдоа креативни начини како да изработат заштитна опрема за нашите здравствени работнички и работници и многумина од нив тоа го направија бесплатно. Голем број на фирми и индивидуи донираа храна за најзагрозените семејства. Државата се погрижи секторите кои беа најмногу погодени да добијат соодветна помош со која ќе се задржат работните места а компаниите ќе успеат да се вратат во нормала со повторното заживување на економијата. Се подржаа и лицата со нетипичните форми на вработување (уметниците од независната сцена, спортистите) а одлучно се пристапи и со обезбедување на финансиска поддршка во висина на минимална плата во секторите кои беа најпогодени од кризата. Наша цел како одговорна партија е сите работодавачи да успеат да ги задржат сите работнички и работници и покрај отежнатите услови на функционирање. Во јавноста познати се многубројни примери на работодавачи кои и со приходи од нула денари во овој период, објавуваат дека нема да го намалат бројот на вработените – и тоа е за почит. Успешните работодавачи знаат дека работничките и работниците се тие кои се лицето на фирмите – успешните работодавачи знаат дека работничките и работниците се тие кои се двигателите на напредокот во фирмите – успешните работодавачи знаат дека само со заемна поддршка може да има одржлив развој во фирмите. Добрите и прогресивните работодавачи свесни се дека без разлика дали ќе добијат помош од државата, фирмите треба да им останат верни на своите работнички и работници и во услови на криза! А државата дополнително ќе им помогне на оние кои вложуваат во човечките ресурси во своите фирми! Но тоа не значи дека нема да има работодавачи кои ќе се обидат да ги злоупотребат мерките за финансиска поддршка на фирмите вклучувајќи го и делот за евентуалното намалување на бројот на вработените. Синдикатите и здруженијата на граѓани кои се борат за работничките права веќе ја посочија опасноста од можни негативни ефекти од овие одредби – од прекинување на договори за вработување на неопределно време до присилно префрлање на договори за вработување со неполно работно време. Тука сме да им кажеме на сите дека злоупотребите нема да се толерираат! ЗАЕДНО ќе застанеме против искористувањето на трудот и ЗАЕДНО ќе се бориме против нехуманиот однос на мал број на работодавачи кои се лош пример за сите оние кои ја покажуваат солидарноста во овие тешки времиња. Нема да дозволиме отпуштања за фирмите да ги намалат трошоците – нема да дозволиме отпуштања за фирмите да го зголемат профитот. Во овие тешки денови, сакаме да ви се заблагодариме за напорите што ги правите, за истрајноста што ја покажувате и за солидарноста која ве краси. Да продолжиме заеднички да се справуваме со кризата што го опфати целиот свет и сигурно ќе ја извојуваме најголемата победа со тоа што ќе ги задржиме работните места на сите. Нека ни е честит Празникот на трудот! Милан Живковиќ, претседател на Комисија за труд и социјална политика на СДСМ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан