• четврток, 12 февруари 2026

Жени од руралните средини во Прилепско успешно лобираат за решавање на локалните проблеми

Жени од руралните средини во Прилепско успешно лобираат за решавање на локалните проблеми

Прилеп, 8 февруари 2026 (МИА) - Околу 20 идеи на жените, жителки во руралните средини во Прилепскиот регион се прифатени од локалните власти во општините Кривогаштани, Долнени и во Крушево за решавање на секојдневните проблеми со кои се соочуваат. Веќе една година во руралниот Прилепски регион се спроведува проектот „Гласови на руралните заедници“.

Проектот го спроведува прилепската невладина организација „Лаг Агро Лидер“, со финансиска поддршка на „Акција Здруженска“, Квинатил квина фондација“, на Европската унија и на хуманитарното здружение „Мајка“.

-Потребите на мажите и на жените во една заедница не се исти. Жените имаат многу повеќе и поразлични потреби. Го започнавме овој проект со цел да го поттикнеме женското активирање, за женското учество во процесите на донесување политики, односно, со нивно директно застапување и лобирање во општините и институциите кои ги засегаат. Започнавме со мобилизирање на жените во руралните средини. Конкретно, работиме во четири населени места во општините Кривогаштани, Долнени и Крушево. Преку еден процес на јакнење на нивните капацитети, стигнавме до момент тие да ги започнат да ги идентификуваат проблемите кои ги имаат во своите населени места, објаснува Даниела Цветаноска од невладината „Лаг Агро Лидер“ од Прилеп.

Додаде дека произлегле конретни проекти кои се поддржани од општините и се дел од буџетот за 2026 година на Кривогаштани, Долнени и на Крушево.

-На пример, во Дебреште во општина Долнени, издејствувавме изградба на спортско игралиште, партерно уредување со оградување кај дива депонија, чистење на речното корито, обезбедивме донација од 80 корпи за отпадоци, пешачка патека и партерно уредување на основното училиште „Али Фетхи Окијар“. Овие конретни проекти се веќе влезени во буџетот за оваа година на општина Долнени. Во Кривогаштани, пак, во населеното место Бела Црква, жените издејствуваа реконструкција на покривот и тоалетите во ОУ „Јонче Смугрески“, потоа улица во селото Воѓани и улици во Бела Црква. Воедно, се буџетираше и изградба на повеќенаменско игралиште во централното основно училиште во селото  Обршани. Во крушевското село Бучин, на барање на жените, екипите излегоа на терен и се исчисти јазот во селото кој беше голем проблем и предизвикуваше поплави. Иницирана е изградба на локален пат кој селото Бучин со другите населени места, вели Цветаноска.

Маријана Паскоска од селото Воѓани, општина Кривогаштани,  која е дел од женското лоби за решавање на секојдневните проблеми, вели дека проектот има резултати.

- Се сретнавме со многу жени од Општината и дојдовме до мобилизација и идентификација на проблемите. На пример, проблем е канализацијата, немаме одвод, покривот на училиштата, детски паркови... Се сретнавме со градоначалникот, со Советот во општината Кривогаштани, ги прифатија нашите предлози за решавање на проблемите и констатиравме дека сето тоа што го побаравме ќе се реализира, вели Паскоска.

Проектот ќе продолжи за зајакнување на женските иницијативи за решавање на проблемите во руралните средини во Прилепско. ем/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан