• среда, 13 ноември 2024

Жени дипломати и носители на одлуки во Владата во промотивно-информативна тура низ Малешево

Жени дипломати и носители на одлуки во Владата во промотивно-информативна тура низ Малешево

Пехчево, 6 октомври 2023 (МИА) - Со реализирање на таканаречената Женска тура, денеска на покана на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, претставнички на дипломатскиот кор во нашата држава и претставнички на Владата на Република Северна Македонија го посетија новопрогласеното заштитено подрачје Малешево.

Женската тура, стартуваше со посета на Едукативниот центар за зачувување на природата во пехчевското село Негрево, кoj од стара училишна зграда со поддршка на Програмата за зачувување на природата е трансформиран во модерен објект со палета на интерактивни едукативни активности, а неговата цел е зачувување на природата во Брегалничкиот регион преку едукација и подигање на јавната свест и промоција на одржливо користење на природните ресурси.

-Едукативниот центар ќе им помогне пред се на нашите деца да разберат колку природата е важна и колку животната средина е поврзана со другите економски сектори. Сакаме нашата држава да ја видиме економски развиена, но паралелно со зачувана животна средина и зачувани природни вредности со кои изобилуваме, рече Шукова.

Швајцарската амбасадорка во РСМ,  Вероник Улман која беше дел од настанот истакна дека Швајцарија во државата е ангажирана повеќе од 10 години за заштита на животната средина, обезбедувајќи локален одржлив економски развој и промоција на агротуризмот. 

-Најголемите достигнувања во заштитено подрачје Малешево беа постигнати поради силното партнерство меѓу Министерството, за животна средина и просторно планирање, координаторот Фармахем, Македонското еколошко друштво, локалните институции и населението, создавајќи заедничка подготвеност за промени, истакна Улман Вероник Улман , поздравувајќи ја иницијатива на министерката Шукова.

На самата локација беа претставени локалните производители со нивните традиционални производи по кои е препознатлив крајот, со што се  отвараат нови можности за социо-економски рзвој на локалните заедници.

Настанот е организиран во соработка на МЖСПП и Швајцарската програма за зачувување на природата, во која главен координатор е Фармахем, а партнер спроведувач Македонското еколошко друштво.  

Во рамките на настанот, учесничките имаа прилика да ги посетат и да уживаат во убавините на водопадите Црн Дол, по што  го посетија истоимениот излетнички простор  уреден за безбеден традиционален пикник кој не предизвикува деградација на природата.

Поддршка со свои производи дадоа и ЈП Национални Шуми, подружница Пехчево, винаријата  Тиквеш и скопска  Пивара, а тимот на ФЈ-кулинарски консултанти обезбедија вистинско гурманско доживување со локални намирници. вс/дма/


Фото: МЖСПП

Остани поврзан