,,Жените и фотографијата 2025" во Куманово
- Кумановци вечер ќе имаат можност да ги проследат делата од изложбата на уметничката фотографија ,,Жените и фотографијата". Изложбата на Фото клуб Куманово ќе биде отворена вечерва во 19:00 часот во изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Куманово, 6 март 2025 (МИА) - Кумановци вечер ќе имаат можност да ги проследат делата од изложбата на уметничката фотографија ,,Жените и фотографијата". Изложбата на Фото клуб Куманово ќе биде отворена вечерва во 19:00 часот во изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
-Фото клуб Куманово со гордост ја претставува 12-тата национална изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“, традиционален настан кој ја слави креативноста, талентот и визијата на жените во светот на фотографијата. Изложбата, која секоја година се одржува во чест на 8-ми март – Светскиот ден на жената, станува сѐ поважна платформа за афирмација и поддршка на женското фотографско творештво во Македонија, информираат од клубот.
Оваа година дела презентираат учеснички од бројни фото клубови низ земјата, со повеќе од 250 пријавени фотографии. Избрани се 80 најдобри дела кои го претставуваат богатството на женската фотографска визија.
Фотографијата отсекогаш била медиум преку кој жените ги раскажуваат своите приказни, го изразуваат својот глас и ја споделуваат својата перспектива за светот. Од првите денови на оваа уметност, па сѐ до денес, жените фотографи успеваат да внесат длабочина, емотивност и уникатност во своите дела, надминувајќи ги бариерите и градејќи своја историја.
„Жените и фотографијата“ не е само изложба – тоа е симбол на борбата за рамноправност, за еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност, велат од клубот. ам/са/
Фото: Кино клуб Куманово