• петок, 27 декември 2024

Жан Пјер Симеон за МИА: Поезијата е местото каде можеме сите да се обединиме

Жан Пјер Симеон за МИА: Поезијата е местото каде можеме сите да се обединиме

Струга, 25 август 2024 (МИА) - За него поезијата е начин на живот, местото во кое може сите да се обединиме. Нешто што постојано не потсетува дека ние сме пред се луѓе. Истакнатиот француски поет, драматург и есеист Жан Пјер Симеон, добитник на „Златен венец“, највисокото признание на Струшките вечери на поезијата, во интервју за МИА говори за значењето на наградата, поезијата, државата. За него не постои мала земја  и истакнува дека Македонија од секогаш имала големи поети почнувајќи од Браќата Миладиновци до денес.

Добитник сте на највисокото признание на СВП и се вброивте во низата светските поетски великани. Што значи за вас „Златниот венец“ и какво е чувството да сте носител на највисокото признание на Меѓународниот поетски фестивал? 

- Признанието многу ми значи. Покрај бројните награди кои имам добиено, од кои повеќето во Франција, „Златниот венец“ го носи престижот во себе. Сите поети што претходно ја добиле наградата ги имам прочитано уште во мојата младост, вклучувајќи го и Влада Урошевиќ кој исто така е голем поет. Тука се и Јанис Рицос, Пабло Неруда Јосиф Бродски, Ален Гинзберг. 

Никогаш не замислував дека еден ден ќе бидам до сите тие големи луѓе, великани. Еден поет и пошироко, еден писател или уметник никогаш не знае тоа што ќе го напише, направи, дали навистина вреди. Од тие причини многу се важни надворешните луѓе, кои можат да донесат признанија. Можат да му кажат дали тоа што го напишал е вредно и каква е вредноста.

Добитник сте на повеќе награди и признанија, кое ви е посебно драго?

- Во Франција постои една награда што ја доделува Француската Академија - големата награда за поезија, голема, пред се, поради институцијата што ја доделува. Покрај таа ја имам добиено и наградата Аполинер, по поетот Гијом Аполинер, која е вид натпревар на поетите. За таа награда учествуваат поети и секоја година се наградува по една поетска книга, исто како „Браќа Миладиновци“ на СВП. Тоа е голема награда за поезија во Франција и неа посебно би ја издвоил.

Франуската литература, трет пат е почестена со ова признание после Ежен Гилвик и Ив Бонфоа, кои добиле Златен венец, Каква е перцепцијата во поетската фела во Франција за ова признание?

- Во светот на поезијата оваа награда е многу позната. Откако дознав дека ја добив, добив многу честитки па дури и од Антоан Галимар. Тој ја води познатат издавачка куќа за која работам. И тој ми кажа: да, да, да, тоа е многу престижна награда и беше задоволен што еден од авторите од неговата издавачка куќа е добитник. Тој го знаеше значењето на наградата.

Тргнувајќи од фактот дека имаме бројни поетски имиња како Блаже Конески, Радован Павловски, Гане Тодоровски, кои сигурно заслужуваат да бидат презентирани во светот, постои ли можност македонската поезија да биде преведена на француски јазик?

Да, секако дека заслужуваат. Но секако има одреден број поети кои се преведени во Франција, меѓу нив е и младиот Никола Маџиров. Во овој миг има една појава која станува се поширока. Се повеќе има влијание на поезијата од целиот Балкан. Вниманието е насочено кон поетите од поранешна Југославија, односно Хрватска, Словенија и другите земји. Сега е моментот земјата да си заземе место во тоа убаво движење. Мислам дека проблем е преводот од македонски на француски јазик. Треба да има повеќе преведувачи, кои ќе развијат одредена љубов кон некој поет кој ќе го преведат на француски јазик и ќе ги предложат до одредени издавачки куќи. Во Словенија и во Хрватска се доста силни во тој поглед, имаат преведувачи кои го работат тоа. Кај нас македонските преведувачи треба да развијат некоја позасилена активност да преведат одреден број поети и да ги предложат.

Трет пат сте тука, кои се вашите импресии за македонската поезија, историја, традиција, за Македонија и Струга?

- Земјава ја запознав благодарение на Јордан Плевнеш, кога беше амбасадор во Париз. Тој со многу жар проговори за неговата држава. Непознавајќи ја станав љубопитен затоа што тој ми говореше со многу жар во однос на целата земја и така добив желба да дојдам да ја запознаам. Многу научив за историјата. Има многу работи кои не ги познавав од македонската историја. Трет пат доаѓам во Струга, на Струшките вечери на поезијата. Двапати сум бил како поет гостин, а сега и како лауреат. 

Дојдовме со возило. Се шетавме посетивме доста предели. Она што секогаш ме фрапираше тоа е силниот карактер на убавината на природата. Исклучително фрапантно е кога одите од Скопје кон Струга поминувате низ планини, шуми, реки и наеднаш доаѓате пред отвореноста и убавината на езерото и тоа е навистина исклучително.Мноштво култури се присутни тука. Сметам дека тоа е големо богатство, тоа мешање на културите, но притоа може да има и тешкотии понекогаш.

Каква порака ќе испратите од градот на поезијата и мостовите?

- Поезијата е местото каде што можеме сите да се обединиме, каде веќе не постои религија, филозофија и ништо друго. Едноставно каде и да ги соберете поетите се друго исчезнува и ние стануваме заедништво. Историјата постојано не раздвојува, а поезијата постојано не потсетува дека, пред се, сме луѓе.

Би сакал и да ја изразам мојата благодарност, која сметам дека не доволно сум ја искажал и второ дека не постои мала земја и оти насекаде има големи поети. Тука од секогаш го има тоа присуство почнувајќи од Браќата Миладиновци се до денешен ден. И треба да се борите или сите да се бориме за илузиите на модерниот свет на некој начин да не ги задушат тие поетски сили.

Слаѓана Стојкова Костоски 

фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан