• сабота, 23 ноември 2024

ЕЦДЦ предупредува дека летото почнува со нов бран на коронавирус

ЕЦДЦ предупредува дека летото почнува со нов бран на коронавирус
Брисел, 23 јуни 2022 (МИА) - Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) предупреди дека „порастот на зараза од подваријантите на омикрон укажува дека тие ќе станат доминантни“ во целата Европска Унија. Инфекциите се во пораст во повеќе земји вклучувајќи ги Португалија, Германија, Франција, Грција, Австрија, Италија, Швајцарија, Шпанија, според податоците од проектот Нашиот свет во податоци (Our World in Data) на универзитетот Оксфорд, што ја следи пандемијата. Според прогнозите на ЕЦДЦ, подваријантите на омикрон БА.4 и БА.5 ќе бидат доминантни во целата Европска Унија. Нови студии покажаа дека БА.4 и БА.5, во споредба со претходните, повешто го избегнуваат имунолошкиот систем. Тоа значи дека ниту претходни инфекции, ниту вакцини не овозможуваат посебно силна заштита од подваријантите, поради што стануваат доминантни. Се чини оти сепак, БА.4 и БА.5 не доведуваат до потешки болести. Меѓутоа, како и кај претходните бранови, зголемените случаи може да резултираат со раст на хоспитализацијата и на смртта, објави ЕЦДЦ. Потенцијалното влијание на БА.5, најочигледно е во Португалија, каде е забележан значителен пораст на инфекциите со Ковид-19. Во болниците во земјата бројот на заболени е 1.896, речиси ист како за време на првиот бран на омикрон во јануари. Во мај, БА.5 стана доминантен во Португалија. Во Франција бројот на новозаразени тројно се зголеми од почетокот на месецот. Бројот на хоспитализација расте за првпат од почетокот на април. Експертот Алан Фишер тврди дека прашањето не е дали земјата е соочена со нов бран на вирусот, ами, колку тој би можел да биде интензивен. Фишер лично се залага за повторно воведување на некои ограничувања, со цел да се спречи ширењето. - Епидемијата доби нов замав и потполно е неочекувана во оваа сезона, изјави за француско радио доктор Бенџамин Давидо, специјалист за заразни болести. Во Обединетото Кралство бројот на заболени и хоспитализацијата нагло растат. - Ќе бидеме прва, но, не и последна голема земја што ќе има бран БА.4.5, откако имала два претходни брана на омикрон, прогнозира Кристина Пагел, професорка за оперативни истражувања на универзитет во Лондон. бд/сд/

Остани поврзан