• среда, 25 декември 2024

ЕХФ ја одби жалбата на Начевски на двегодишната суспензија

ЕХФ ја одби жалбата на Начевски на двегодишната суспензија

 

Виена, 12 април 2024 (МИА) – Ракометниот суд на ЕХФ ја одби денеска жалбата на Драган Начевски и ја потврди двегодишната суспензија за поранешниот македонски судија и долгогодишен претседател на европската Судиска комисија, поради непријавување обид за поткуп за местење натпревари.

Начевски беше суспендиран во мај лани откако данската телевизија ТВ2 достави до ЕХФ „аудио и видеозаписи“ за негова наводна вмешаност во нелегални активности поврзани со местење натпревари.

Според информациите доставени од данскиот медиум, Начевски во јануари 2020 година одржал средба со наводен бизнисмен, кој го убедувал дека може да внесе кинески ракометен тим во регионалната СЕХА лига. Според истиот извор, на средбата станало збор и за „местење натпревари“.

При изрекувањето на суспензијата лани, ЕХФ наведе дека на овој состанок „Начевски повеќе пати одбил понуда да соработува во местење натпревари, но според доставените изјави од средбата, не се оградил во целост и со тоа испратил погрешен сигнал во контекст на својата функција“.

„Оваа одлука се однесува само на повреди во врска со непријавување. Сè уште се во тек правните процедури и истраги за недостаток на интегритет и неправилности поврзани со обложување“, се прецизира во денешното соопштение на ЕХФ, која на Начевски му изрече и парична казна во износ од 5.000 евра. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан