• среда, 31 јули 2024

Ефремов: Фокусирани сме да помогнеме во евакуацијата на нашите граѓани од Украина

Ефремов: Фокусирани сме да помогнеме во евакуацијата на нашите граѓани од Украина
Скопје, 9 март 2022 (МИА) - Фокусирани сме на извлекување на нашите граѓани кои се наоѓаат се уште во Украина. Бројката од стотина евакуирани е веќе надмината, а во моментов имаме доста наши граѓани кои се во тек на евакуација, вели македонскиот абасадор во Украина Крум Ефремов. -Состојбата во Украина е тензична и воена. Се повеќе и повеќе градови се под воени дејствија. Ние како амбасада со мојот тим сме лоцирани и сме фокусирани на извлекување на нашите граѓани кои се наоѓаат се уште во Украина.  Не оперирам со бројки бидејќи ние евакуиравме стотина наши граѓани. Веќе таа бројка е дваесетина проценти надминати во однос на евакуирани, бидејќи се евакуираат не само наши граѓани, туку и нивни пријатели, познати и роднини. Сепак, денеска имаме и една добра информација дека од повеќе градови е дозволен т.н. „зелен“ или хуманитарен коридор. Така што, целта не само моја и на мојот тим, туку и на сите други амбасади на Северна Македонија што се граничат со Украина и на сите други наши амбасади кои на некој начин се на главните коридори е максимално да помогнеме во евакуацијата на нашите граѓани, рече амбасадорот Ефремов во изјава за ТВ 21. Ефремов кажа дека денеска се отворени коридори за движење на населението кон други градови во Украина каде нема борбени дејствија и од каде постојат други можности за евакуација кон западниот дел од Украина. Тука е, вели, најбитна железницата која што функционира и секој ден има по неколку возни линии кои што транспортираат луѓе до местата што се во близина на границата со Полска, со Унгарија, со Молдавија и други држави на западните граници со Украина. -Во моментов имаме доста наши граѓани кои се во тек на евакуација. И апелирам да се внимава и да се следат упатствата. Има некои наши граѓани кои одлучија да не се евакуираат. Станува збор за граѓани кои се тука со постојан престој, повеќе од 20-30 години, со свои семејства кои на некој начин оценија дека сепак тука им се внуците, децата и нема да се евакуираат. Меѓутоа, нашето соопштение и апел беше прво дека треба да се напушти Украина заради ситуацијата и сега кој од нашите се определи за евакуација тука сме да помогнеме, подвлече амбасадорот Ефремов. Амбасадорот Крум Ефремов, со уште двајца членови на нашата Амбасада на 26 февруари мораа да бидат извлечени од Киев на побезбедно место откако неколку дена поради бомбардирањето поминаа во скривница. Минатата недела, како што информира шефот на дипломатијата Бујар Османи, македонскиот амбасадор Ефремов повторно е вратен во Украина, со цел да го олеснат процесот на евакуација на македонските граѓани сè додека и последниот граѓанин не биде евакуиран од таму. вг/лв/  

Остани поврзан