• вторник, 17 декември 2024

ЕУ ќе почне да испорачува хуманитарна помош за Сирија преку Турција

ЕУ ќе почне да испорачува хуманитарна помош за Сирија преку Турција

Брисел, 13 декември 2024 (МИА)  - Европската комисија во петокот објави дека ќе започне со испорака на речиси 100 тони здравствени материјали и други основни производи во Турција за натамошна дистрибуција во Сирија, јави ДПА.

-Колапсот на режимот на Асад нуди нова надеж за сирискиот народ. Но, овој момент на промена носи и ризици и носи тешкотии, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен прецизира дека помошта вклучува храна, лекови и предмети за засолниште, пренесе германската агенција.

Шефицата на ЕК во вторник ќе отпатува за Турција за да разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за испораката на хуманитарна помош.

Помошта ќе биде доставена во јужниот турски град Адана, каде што ќе бидат предадени на УНИЦЕФ и Светската здравствена организација за дистрибуција во Сирија, соопшти комисијата.

ЕУ нема претставништво во Сирија и нема формални односи со оваа арапска земја, прецизира ДПА.

ЕК, исто така, најави дополнителни четири милиони евра за финансирање за хуманитарните организации активни во Сирија, зголемувајќи ја хуманитарната помош на ЕУ на 163 милиони евра во 2024 година.

Според ЕУ, од 2011 година досега Унијата мобилизирала над 33 милијарди евра хуманитарна и економска помош за поддршка на Сиријците во земјата и во целиот регион.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан