• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ со осуда на најавата на Израел за конфискација на земјиште на Западниот Брег

ЕУ со осуда на најавата на Израел за конфискација на земјиште на Западниот Брег

Брисел, 25 март 2024 (МИА) - Европската Унија цврсто ја осудува најавата на израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич дека Израел за „државно земјиште“ прогласил над 800 хектари површина на окупираните територии на Западниот Брег, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, посочувајќи дека ова е „најголема конфискација по Договорот од Осло“, ЕЕАС нагласува дека изградбата на еврејски доселенички населби на окупираните територии претставува сериозно прекршување на меѓународното хуманитарно право.  

- На последниот Европски совет, лидерите на ЕУ ги осудија одлуките на израелската Влада за понатамошно проширување на илегалните населби на окупираниот Западен Брег, повикувајќи го Израел да ги повлече овие решенија. Во согласност со својата долгогодишна заедничка позиција и резолуциите на Советот за безбедност на ОН, ЕУ нема да ги признае промените на границите од 1967 година, освен ако за тоа не се договорат страните, се додава во соопштението. 

Според ЕЕАС, ваквиот став не е противречен на посветеноста на ЕУ за гарантирање на безбедноста на Израел и спречување на можно повторување на „ужасните напади врз израелските цивили на 7 октомври“.  

- ЕУ е решена да се бори против ваквиот тероризам со збор и дело, со континуирана осуда на Хамас на најсилен можен начин, вклучително и преку санкции и други мерки, се вели во соопштението. 

Сепак, според ЕЕАС, проширувањето на еврејските доселенички населби е во спротивност на заложбите и целите на ЕУ.  

- Тоа ги поттикнува тензиите и ги поткопува перспективите за мировно решение според моделот на две држави, кој останува единствена одржлива гаранција за долгорочна безбедност и на Израелците и на Палестинците, се нагласува во соопштението. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан