ЕУ сè уште има дилеми за усогласеноста на Одборот за мир за Газа со Повелбата на ОН
- Имаме прашања во врска со голем број аспекти на Повелбата на Одборот за мир, поврзани со неговиот опсег, управувањето и компатибилноста со Повелбата на Обединетите нации, додаде Ел Ануни.
Брисел, 23 јануари 2026 (МИА) – Евентуалното вклучување на ЕУ во Одборот за мир во Газа мора да биде целосно во согласност со принципите на Унијата кон регионот на Блискиот Исток и во соработка со САД и другите учесници, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Ануар ел Ануни.
- Имаме прашања во врска со голем број аспекти на Повелбата на Одборот за мир, поврзани со неговиот опсег, управувањето и компатибилноста со Повелбата на Обединетите нации - додаде Ел Ануни во одговор на новинарско прашање дали Европската комисија ја прифатила поканата од американскиот претседател Доналд Трамп за учество во Одборот.
Тој додаде дека ЕУ активно разговара и останува во близок контакт со САД за Одборот за мир и во врска со ситуацијата во Газа.
- Важно да се запомни дека за нас како Европска Унија, клучно и суштинско е Обединетите нации и Повелбата на ОН да останат во центарот на меѓународниот систем. Оваа Повелба ја претставува основата на меѓународното право и колективната безбедност. Да се потсетиме и дека ова е клучен принцип вграден во основачките договори на Европската Унија - рече Ел Ануни.
На прашање за коментар на одлуката на „две земји членки на ЕУ“ да учествуваат во Одборот, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо, изјави дека тоа а нивна одлука и Комисијата нема надлежност да се меша во тоа. сп/сд/
Фото: МИА Архива