• вторник, 24 декември 2024

ЕУ: Репресијата на режимот на Лукашенко достигна невидено ниво, сега ги погодува и децата

ЕУ: Репресијата на режимот на Лукашенко достигна невидено ниво, сега ги погодува и децата

Брисел, 25 јануари 2023 (МИА) - Европската Унија денеска оцени дека репресијата на белоруските власти достигнала невидено ниво, дека сега ги погодува и децата и повторно побара итно ослободување на сите политички затвореници.

„Минатата недела, судот во Брест донесе уште една срамна и политички мотивирана пресуда за поддршка на репресијата на режимот на (претседателот Александар) Лукашенко врз народот на Белорусија. Дарја Лосик е осудена на две години затвор бидејќи во интервјуа го бранеше својот сопруг Ихар Лосик од измислени обвиненија и му се пожали на Лукашенко за пресудата против него“, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Службата, предводена од шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, соопшти дека Ихар Лосик е осуден на 15 години затвор во декември 2021 година поради водење популарен блог и дека се наоѓа во затвор со максимална безбедност.

„Бидејќи неговата сопруга сега е осудена, нивното четиригодишно дете остана без родители. Овој нехуман третман на белоруските граѓани мора да престане. ЕУ го повторува своето барање за итно ослободување на политичките затвореници“, се вели во соопштението.

Се додава дека во Белорусија „речиси секој ден има нови примери на произволни и сурови казни на политички судења зад затворени врати“.

„Репресијата на режимот на Лукашенко достигна невидено ниво, со повеќе од 1.440 политички затвореници, а сега ги погодува најранливите, децата. Европската Унија ќе продолжи да ги поддржува сите луѓе кои се стремат кон слободна, демократска и независна Белорусија“, наведува ЕЕАС. ссм/

Остани поврзан