• четврток, 26 декември 2024

ЕУ подготвува мерки за поддршка на позитивното влијание на инфлуенсерите 

ЕУ подготвува мерки за поддршка на позитивното влијание на инфлуенсерите 

Брисел, 14 мај 2024 (МИА) - Советот не ЕУ денеска одобри заклучоци со кои се повикува на зголемена поддршка за поттикнување на позитивното влијание на инфлуенсерите, имајќи предвид дека нивните онлајн содржини и информации секојдневно ги консумираат се поголем број луѓе во Унијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во документот се посочува дека влијанието на инфлуенсерите, кои се дефинирани како „онлајн креатори кои објавуваат содржини на социјалните медиуми и платформите за споделување видеа“, најчесто е позитивно, но тоа потенцијално може да биде и штетно, како за менталното здравје на поединците, така и за општеството во целина, пред се за области како што е демократијата. 

Според фламанскиот министер за млади, медиуми и намалување на сиромаштијата Бенјамин Дале, Европејците се повеќе време поминуваат на интернет, што значи дека повеќе од кога било досега креаторите кои создаваат содржини за социјалните медиуми влијаат на начинот на кој тие го перципираат и разбираат светот.  

- Со цел да се осигура дека ова влијание е позитивно, ЕУ мора да обезбеди поддршка за инфлуенсерите, овозможувајќи им да ја изградат својата медиумска писменост и да ја зголемат нивната свест и да ги ценат правилата што ги регулираат нивните постапки на интернет, изјави Дале. 

Советот во своите заклучоци оценува дека инфлуенсерите имаат високо ниво на познавањето на  

техничките и креативните вештини за создавање и уредување на онлајн содржините, но потребна им е и голема медиумска писменост за да го препознаат потенцијалното негативно влијание од споделувањето на лажни вести и дезинформации, говор на омраза на интернет, кибер малтретирање и други илегални или штетна содржина. 

Конкретно, Советот укажува на тенденцијата на порастот на т.н. „кидфлуенсери“, односно инфлуенсерите на возраст под 18 години и потребата нивните родителите или старателите да гарантираат дека тие се свесни за нивните релевантни законски обврски, како и за заштита на останатите деца од нивното потенцијално штетно влијание. 

За таа цел, Советот на ЕУ ги повикува земјите членки да ги запознаат инфлуенсерите со нивното значење и улога во медиумскиот простор и со законодавството што важи за нив, како и да ги вклучат во развојот на медиумските политики кои можат да влијаат врз нив, посебно оние поврзани со зголемената употреба на вештачката интелигенција. 

Од Еврокомисијата, пак, Советот бара да утврди начини за поддршка на инфлуенсерите на ниво на ЕУ, преку политички пристап насочен кон медиумската писменост и одговорното онлајн однесување, како и нивно медиумско образование со користење на постоечките фондови и програми на Унијата. 

Натаму се бара од ЕК и земјите членки да развијат политики и инструменти за поттикнување одговорно однесување на инфлуенсерите, можност за формирање регулаторни тела или механизми во оваа сфера, како и евентуална изработка на инфлуенсерски етички кодекс. сп/

Фото: ЛинкедИн

Остани поврзан