• петок, 27 декември 2024

ЕУ подготвува директива за заштита на новинарите и граѓанските активисти од неосновани тужби

ЕУ подготвува директива за заштита на новинарите и граѓанските активисти од неосновани тужби

Брисел, 30 ноември 2023 (МИА) - Советот на ЕУ и Европскиот парламент рано изутринава постигнаа политички договор за директивата за заштита на новинарите и активистите за човекови права од неосновани обвиненија или тенденциозни судски постапки, јави дописникот на МИА од Брисел.  

Како што претпладнево шпанското претседателство со Европскиот совет, директивата има за цел да го спречи растечкиот феномен на користење на судските тужби како средство за замолчување на оние кои говорат за прашања од јавен интерес. Директивата треба да воспостави процедурални заштитни мерки против таквите тужби во граѓански парници. 

Според шпанскиот министер за правда Феликс Болањос, со оваа нова законска регулатива ЕУ ќе ги штити новинарите и активистите за заштита на човековите права од неосновани и тенденциозни судски процеси. 

- Нашите демократии се во опасност ако богатите и моќните можат преку судовите да ги замолчат нивните критичари, само затоа што зборуваат за прашања од јавен интерес, додаде Болањос. 

Како што наведува Европскиот совет, ваквите тужби обично ги иницираат моќни поединци, лоби групи, корпорации или државни органи со цел да ги цензурираат, заплашат или замолчат критичарите, вовлекувајќи ги во долготрајни и скапи судски постапки се додека не се откажат од изнесување на своите критички мислења или не прекинат со противењето. Типични цели на ваквите тужби се новинарите и заштитниците на човековите права, но на нив можат да бидат изложени и други лица вклучени во јавниот живот, како што се истражувачи или академици. 

Зголемувањето на бројот на овој тип на тужби е евидентирано во повеќе извештаи на Европската комисија за почитување на принципите на владеење на правото во земјите членки на ЕУ, како и во анализи на Советот на Европа. 

Според одредбите од предложената директивата, новинарите и граѓанските активисти можат да побараат од судовите отфрлање на тужбата уште во рана фаза, доколку е очигледно дека таа е неоснована, при што судот мора да ја забрза постапката по ваквите барања на обвинетите. 

Дополнително, новинарите и граѓанските активисти може да побараат лицето или институцијата што ја поднело тужбата да ги сноси трошоците за постапката, вклучително и за нивното правно застапување. Судот, исто така, добива овластување да му изрече казна или други мерки на санкции на подносителот на неоснованата тужба. 

Ако против новинар или граѓански активист кој живее во ЕУ биде покрената тужба во трета земја, членките на Унијата се должни да не ја признаат пресудата или да го одбијат нејзиното извршување, доколку се процени дека таа е очигледно неоснована или тенденциозна. 

За понатамошна поддршка на жртвите на вакви тужби, земјите членки на ЕУ ќе треба да обезбедат единствен систем на информации за процедуралните заштитни мерки и правни лекови. 

Денеска постигнатиот договор сега треба да биде одобрен од страна на Советот на постојани претставници на земјите членки на Унијата (КОРЕПЕР), по што ќе треба и формално да биде усвоен и од страна на Советот на ЕУ и од Европскиот парламент. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан