• четврток, 26 декември 2024

ЕУ повторно со порака до Вучиќ за воведување санкции против Русија

ЕУ повторно со порака до Вучиќ за воведување санкции против Русија
Белград, 4 октомври 2022 (МИА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска разговараше со шефот на Делегацијата на Европската унија во Белград, Емануел Жофре, кој ја повтори „преовладувачката позиција на Брисел за воведувањето санкции против Русија“, јави дописникот на МИА од Белград. - Амбасадорот Жофре го повтори преовладувачкиот став на Брисел кога станува збор за усогласување на надворешната политика на Србија со агендата на ЕУ и воведувањето санкции против Руската Федерација и изрази подготвеност да соработува со нашата земја во однос на решавање на отворените прашања, кои се од клучна важност за натамошниот напредок на Србија на патот кон евроинтеграциите, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ. Вучиќ на средбата посочил дека Србија „посветено работи на реализација на цели кои се во согласност со нејзината европска ориентација, како што се силниот економски напредок и зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот преку иницијативи за поврзување, со што покажа дека е сериозен, одговорен и доверлив партнер на Унијата“. Соговорниците размениле мислења и за претстојниот Самит во Прага за иницијативата за формирање Европска политичка заедница како платформа за дијалог меѓу членките на ЕУ и земјите аспиранти за членство. Вучиќ ја повторил својата благодарност до Европската комисија за поддршката во изградбата на енергетската инфраструктура, која е исклучително важна за Србија, додавајќи дека Србија е максимално ангажирана во проекти за диверзификација на изворите на енергија и рутите за снабдување. Вучиќ и Жофре разговарале и за усогласување на визната политика со ЕУ за борба против илегалната миграција, како и за соработка на големи инфраструктурни проекти, соопштија од Кабинетот на српскиот претседател за соработка со медиумите. об/паг/

Остани поврзан