• среда, 25 декември 2024

ЕУ повика на хуманитарни паузи во Газа заради кампања за вакцина против детска парализа

ЕУ повика на хуманитарни паузи во Газа заради кампања за вакцина против детска парализа

Брисел, 29 август 2024 (МИА) - Земјите-членки на Европската Унија денеска повикаа на хуманитарни паузи во војната меѓу Израел и Хамас во Газа за да се овозможи започнување на кампањата за вакцинација против детска парализа.

Во заедничкото соопштение од ЕУ се посочува дека е загрижувачки тоа што во Газа во јули бил детектиран случај на детска парализа, прв по 25 години.

„Мора да се избегне епидемија меѓу населението кое веќе е ослабено од повеќе од 10 месеци борби и раселување, недоволна исхрана, недостиг на основни здравствени услуги и лоши санитарни услови, но и поради можно понатамошно ширење на вирусот на меѓународно ниво“.

ЕУ се приклучува на повикот на Генералниот секретар на Обединетите нации и Светската здравствена организација за итни хуманитарни паузи во Газа за да се овозможи спроведувањето на кампањата за вакцинација против полио вирусот. Се очекува дека две рунди од кампањата ќе бидат спроведени во наредните недели во соработка со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, при што ќе бидат дадени две капки од новата орална полио вакцина тип 2 на повеќе од 640 000 деца под десетгодишна возраст.

ЕУ го поздравува доставувањето на повеќе од 1,2 милиони орални полио вакцини, како и соработката на Израел во доставувањето на вакцините во Газа, и го истакнува значењето на понатамошната соработка од сите страни со СЗО, УНРВА и УНИЦЕФ за спроведување на вакцинацијата. „Посветеноста на хуманитарните паузи од сите страни ќе биде клучна за успешно и навремено спроведување на овие итни кампањи. Заштитата на здравствените установи и нивните работници, како и обезбедувањето на безбеден пристап за децата и семејствата до местата за вакцинација, ќе биде од суштинско значење за овој процес“, се наведува во соопштението.

Во него се потсетува и дека ЕУ постојано ја повторува својата загриженост поради катастрофалната ситуација во Газа и ги поддржува тековните преговори за договор за прекин на огнот и ослободување на сите заложници. ЕУ и нејзините земји членки заеднички се најголемиот донатор на хуманитарна помош во Газа. ЕУ останува целосно посветена на обезбедување на хуманитарна помош и поддршка на Палестинците погодени од војната во Газа, вклучувајќи го и продолжувањето на операциите на Хуманитарниот воздушен мост на ЕУ, зголемено финансирање за поддршка на здравствените установи и помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, како и на хуманитарните актери – и агенциите на ОН и невладините организации – на терен. ссм/

фото: архива

Остани поврзан