• среда, 25 декември 2024

ЕУ повика на почитување на суверенитетот и интегритетот на Сомалија 

ЕУ повика на почитување на суверенитетот и интегритетот на Сомалија 

Брисел, 3 јануари 2024 (МИА) - Почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сомалија е клучно за мирот и стабилноста на целиот регион на Рогот на Африка, порача портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано по повод Меморандум за разбирање потпишан меѓу Етиопија и сомалискиот сепаратистички регион Сомалиленд. 

- Европската унија би сакала да потсети на важноста од почитување на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сојузна Република Сомалија согласно нејзиниот устав и повелбите на Африканската Унија и на Обединетите нации, наведе Стано во објава на платформата Икс. 

Реакцијата на ЕУ следи откако етиопскиот премиер Аби Ахмед и претседателот на самопрогласената „Република Сомалиленд“, Музе Бихи Абди во понеделникот потпишаа Меморандум за разбирање со кој Етиопија добива пристап до Црвеното Море преку пристаништето Бербера и и се дава на користење воена база на територијата под контрола на сомалилендските сепаратисти. 

Сомалија во реакција на договорот оцени дека тој претставува „агресија“ и „еклатантен напад“ врз нејзиниот суверенитет, го отповика својот амбасадор од Етиопија и ја повика меѓународната заедница да застане на нејзина страна. 

Сомалиленд е поранешен британски протекторат кој стекна независност во 1960 година, но по само четири дена прогласи обединување со истоимениот италијански протекторат во единствена независна држава Сомалија. Во мај 1991 година тогашниот регион Сомалиленд прогласи независност од Сомалија под името „Република Сомалиленд“, што наиде на остра осуда од страна на властите во Могадишу. Сомалиленд не е меѓународно признат и де јуре се смета за една од сојузните држави во рамките на Сомалија, но во пракса функционира како независна држава врз која сомалиските власти немаат никаква контрола. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан