• петок, 20 декември 2024

ЕУ повика на инклузивен политички процес во Сирија и почитување на нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет 

ЕУ повика на инклузивен политички процес во Сирија и почитување на нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет 

Брисел, 19 декември 2024 (МИА) - По падот на криминалниот режим на Башар Асад во Сирија, се создава историска можност за повторно обединување и обнова на земјата преку инклузивен политички процес врз основа на легитимните аспирации на сирискиот народ, во согласност со основните принципи на ОН, се наведува во заклучоците на Самитот на ЕУ посветени на состојбата на Блискиот Исток.  

- Потребно е целосно почитување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија во согласност со меѓународното право. Европскиот совет ја нагласува потребата да се обезбеди почитување на човековите права, вклучително и правата на жените, заштитата на припадниците на верските и етничките малцинства, како и да се заштити културното наследство на Сирија, се нагласува во заклучоците. 

Лидерите на ЕУ ги повикува сите страни во Сирија да го зачуваат националното единство и да обезбедат заштита на сите цивили, да овозможат јавни услуги, како и да создадат услови за инклузивна и мирна политичка транзиција и за безбедно, доброволно и достоинствено враќање на сириските бегалци.  

- Европскиот совет, исто така, ја нагласува важноста на борбата против тероризмот, спречувањето на повторно појавување на терористички групи и уништувањето на преостанатите залихи на хемиско оружје во Сирија. Во овој контекст, Европскиот совет ги повикува Комисијата и високиот претставник да достават до Советот опции за мерки за поддршка на Сирија, се потенцира во заклучоците. 

Европските лидери го поздравуваат и договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан од 27 ноември 2024 година и ги повикуваат сите страни да го почитуваат прекинот на огнот согласно договорено и апелираат на целосна и симетрична имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.  

Во заклучоците се нагласува дека Европската Унија ќе продолжи да го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан и ги повикува либанските политички лидери да ги преземат неопходните активности за надминување на политичкиот и економскиот ќорсокак, вклучувајќи и  брз избор на претседател на државата. 

- Европскиот совет ја изразува својата длабока загриженост за последиците од израелското законодавство усвоено на 28 октомври 2024 година врз капацитетот на УНРВА да го извршува својот мандат. Европскиот совет ја нагласува суштинската улога на УНРВА, која обезбедува клучна поддршка за цивилното население во Газа и во поширокиот регион. Клучно е континуираното спроведување на Акцискиот план на УНРВА, се вели во документот.  

Лидерите на ЕУ одново повикаа на итен прекин на огнот во Газа, безусловно ослободување на сите заложници, итно подобрување на пристапот и одржлива дистрибуција на хуманитарна помош низ Газа и траен прекин на непријателствата. 

- Европскиот совет ја повторува посветеноста на Европската Унија на меѓународното право и на сеопфатен, праведен и траен мир заснован на решение за две држави во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН каде што две демократски држави, Израел и Палестина, би постоеле една покрај друга во мир и во безбедни и признати граници. Европската Унија е подготвена да придонесе во сите напори кон ова решение и ги повикува сите страни да се воздржат од активности кои ја поткопуваат нејзината одржливост. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Палестинската управа за да и помогне да ги реши нејзините најитните потреби, да изгради институционални капацитети и да ја спроведе својата реформска агенда, се додава во делот од заклучоците од Самитот на ЕУ посветени на Блискиот Исток. сп/ 

 Фото: МИА Архива 

Остани поврзан