ЕУ планира инвестиции од 40 милијарди евра за обнова на Украина во следните три години
- ЕУ планира да одвои 40 милијарди евра во следните три години за обнова на Украина, објави денеска европската комесарка за проширување Марта Кос на состанокот во Брисел посветен на економијата на земјата која е нападната од руските сили.

Брисел, 10 април 2025 (МИА) - ЕУ планира да одвои 40 милијарди евра во следните три години за обнова на Украина, објави денеска европската комесарка за проширување Марта Кос на состанокот во Брисел посветен на економијата на земјата која е нападната од руските сили.
Според неа, овие средства ќе бидат главно приватни инвестиции и ќе бидат обезбедени за реконструкција на уништената инфраструктура според европските барања.
„Времето е вистинско за инвестирање во Украина, не се работи за добротворни цели, туку за долгорочни инвестиции“, рече Кос.
Таа препорача Киев да обезбеди предвидливост и сигурност за инвеститорите. Кос истакна дека ЕУ ги поддржува украинските реформи поврзани со судството, борбата против корупцијата, јавните набавки и даночниот систем.
Според еврокомесарот, соседите на ЕУ можат да бидат закана, но можат да придонесат и за безбедноста, а Украина дава пример со својот придонес во заштитата на Европејците.
„Најдоброто што можеме да го направиме е да му помогнеме на Киев да ја развие својата економија и да има сигурно снабдување со енергија“, истакна Кос и додаде дека од 2027 година се очекува целосно поврзување на енергетските мрежи на Украина и ЕУ.
Украинскиот премиер Денис Шмигал прецизираше дека, според пресметките на Светска банка, на неговата земја ќе и бидат потребни околу 524 милијарди евра за реконструкција во следните десет години. Според украинскиот вицепремиер Олга Стефанишина, нејзината земја е подготвена да развие инвестициски планови и пред крајот на војната. рп/
Фото: МИА архива