• четврток, 26 декември 2024

ЕУ одвои над 18 милиони евра за дијагностицирање, третман и грижа за пациентите со ретки болести 

ЕУ одвои над 18 милиони евра за дијагностицирање, третман и грижа за пациентите со ретки болести 

Брисел, 9 март 2024 (МИА) – Европската комисија иницираше нова акција насловена за подобрување на дијагностицирањето, третманот и грижата за пациентите со ретки болести во ЕУ, за чија реализација се одвоени 18,75 милиони евра за периодот 2024-2027 година. 

Преку оваа акција во националните здравствени системи ќе бидат интегрирани Европските референтни мрежи за сложени или ретки болести и состојби кои бараат високо специјализиран третман или специфични знаења и ресурси. 

Според еврокомесарката за здравство и безбедност на храната Стела Киријакидес, оваа акција е доказ дека Европска здравствена унија е решена да обезбеди подобра иднина за пациентите заболени од ретки болести.  

- Започнуваме нова иницијатива за подобрување на дијагностицирањето, третманот и грижата за пациентите кои живеат со такви услови. Европските референтни мрежи се во центарот на нашата работа и оваа нова акција, со интегрирање на овие мрежи во националните здравствени системи, ќе ја доближи експертизата до пациентите и ќе овозможи специјализираното знаење да патува во ЕУ. Кога станува збор за ретките болести, можеме да ги промениме животите на пациентите само ако соработуваме, додаде Киријакидес. 

Со заедничката акција ќе бидат опфатени сите земји членки на ЕУ, Норвешка и Украина и таа треба да го трасира патот за уште поефикасна, поделотворна и поодржлива соработка во иднина.  

Од вкупните средства за иницијативата, 15 милиони евра ќе бидат обезбедени од програмата „ЕУ за здравје“ (EU4Health), а останатите 3,75 милиони евра од земјите членки. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан