• четврток, 26 декември 2024

ЕУ најави пакет од 560 милиони евра за третата фаза од источниот дел на железничката мрежа на Коридорот 8

ЕУ најави пакет од 560 милиони евра за третата фаза од источниот дел на железничката мрежа на Коридорот 8

Скопје, 19 декември 2023

Заедно со Владата на Северна Македонија, Европската Унија (ЕУ), нејзината банка – Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) најавија финансиски аранжман на Тимот Европа во вредност од 560 милиони евра за третата фаза од источниот дел на железничката мрежа на Коридорот VIII. Обезбеден според иницијативата Глобална порта, средствата ќе овозможат изградба на 24 километри железничка пруга помеѓу Крива Паланка и границата со Бугарија, како и за електрификација на 88 километри од Куманово до границата.  По завршувањето, новата железничка линија ќе го олесни транспортот на околу 500.000 тони товар и 500.000 патници годишно, придонесувајќи за подобра поврзаност, климатска отпорност и социоекономски развој на Северна Македонија и регионот.

За овој клучен железнички дел, финансискиот пакет на Тимот Европа се состои од заем од 175 милиони евра од ЕИБ Глобално (огранок на ЕИБ за активности надвор од ЕУ), заем од 175 милиони евра од ЕБОР, кои се надополнети со 150 евра милиони грант од ЕУ спроведен преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и до 60 милиони евра грант од ИПА (Инструментот за претпристапна помош). Проектот, исто така, има и ќе продолжи да има корист од техничката поддршка на ЕУ и ЕИБ, вклучително и преку програмата JASPERS за подготовка, тендерирање и имплементација. 

Киријакос Какурис, потпретседателот на ЕИБ, кој е одговорен за операциите во Северна Македонија, изјави: „Горди сме што дејствуваме како водечка финансиска институција за овој проект што го вклучува досега најголемиот грант од ЕУ доделен за Северна Македонија во рамките на WBIF и е добар пример за разновидна финансиска и техничка поддршка што ја дава банката. Овој значаен финансиски пакет подготвен за овој проект покажува дека со цврста посветеност и партнерства преку пристапот на Тимот Европа можеме да ги унапредиме виталните инфраструктурни проекти кои носат опипливи придобивки за регионалните економии и луѓе. Новата железничка линија ќе ги забрза реформите на земјата во железничкиот сектор, ќе ја олесни пошироката регионална интеграција и ќе и овозможи на Северна Македонија да има дополнителна корист од претстојните иницијативи на Европската комисија, како што е новиот План за раст. Конечно, тоа ќе придонесе и за еколошки поодржлив транспортен систем во Северна Македонија, кој треба да овозможи постепено префрлање од патиштата кон железницата, во согласност со климатските аспирации на ЕУ и земјата“.

Првиот потпретседател на ЕБОР, Јирген Ригтеринк рече: „Воодушевени сме што уште еднаш ќе соработуваме со ЕИБ и ЕУ на значаен проект за железничка инфраструктура во регионот. Ова ја означува последната фаза од источниот сегмент на железничкиот коридор VIII, клучен дел од Основната мрежа на ЕУ TEN-T. Овој дел ќе поврзе два постоечки делови финансирани од ЕБОР кои моментално се во изградба. По завршувањето, ефикасно ќе го олесни меѓународниот проток на стоки и луѓе, намалувајќи го железничкото растојание до Црното Море и Турција за приближно 200 километри. Проектот има за цел да го рационализира сообраќајот, да ја подобри безбедноста и да обезбеди сигурност како за патниците така и за товарот, поттикнувајќи ги деловниот раст и можностите за развој вдолж железничката линија и во близина на станиците. Исто така, тоа ќе придонесе и за подобрување на еколошките услови во околните заедници, населби и региони.“

Министерот за финансии Фатмир Бесими се заблагодари на ЕУ, ЕИБ и ЕБОР за дадената поддршка што ќе овозможи да се заврши овој децениски проект. 

„Средствата што ги обезбеди Владата преку ЕИБ, ЕБОР и доделениот грант од ЕУ се навистина од клучно значење за завршување на овој проект, започнат пред многу години. Тој ќе овозможи да ја подобриме железничката инфраструктура, а со тоа да создадеме подобри услови за работа на компаниите, полесен транспорт на стоки и превоз на патници, како и поттикнување на развојот. Овој проект е дел од најавениот инвестициски циклус што ќе се реализира во наредниот период преку јавниот сектор и тој ќе биде истовремено моторот на економскиот раст“, рече министерот Бесими. 

Како дел од стратешката Трансевропска транспортна мрежа, изградбата на нова железничка делница на железничкиот Коридор VIII ќе овозможи директен проток на сообраќај меѓу Софија и Скопје. Како резултат на тоа, овие подобрувања ќе ги намалат трошоците за работа на возилата, сообраќајниот метеж и загадувањето, а истовремено ќе ја подобрат и безбедноста. Ова ќе доведе до зголемена атрактивност на регионалниот железнички систем и неговата конкурентност за товарен и патнички транспорт на подолги растојанија.  

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, истакна: „Европската унија ја поддржува Република Северна Македонија во процесот на развивање на функционален и модерен железнички систем, кој ќе обезбеди подобра поврзаност, квалитет на живеење и ќе ги зголеми можностите за економски развој за граѓаните. Интегрирањето на железницата во транспортната мрежа на земјата е еден од приоритетите на ЕУ за да обезбеди успешни, енергетско ефикасни и еколошки начини за движење на луѓе и товар низ европскиот континент.”

Во текот на последните 10 години, ЕИБ го поддржа железничкиот сектор на глобално ниво со инвестиции од повеќе од 39 милијарди евра, помагајќи да се изградат или надградат речиси 2000 километри пруги и стотици станици. Во Западен Балкан, ЕИБ Глобално е водечки финансиер на стратешките железнички линии и давател на техничка и советодавна помош. До денес, банката има инвестирано над 1,6 милијарди евра во железничкиот сектор, поддржувајќи ги регионалната соработка и поврзаност.

ЕБОР е клучниот стратешки партнер на земјите од Западен Балкан кој ги поддржува нивните напори за обнова на железницата и промовирање на преминот од патишта кон железница, како позелен начин на транспорт. Банката обезбедува финансии и сеопфатна поддршка за политиките насочени кон подобрување на владеењето и управувањето со националните железнички компании. До денес, банката има доделено над 1,6 милијарди евра на земјите од Западен Балкан за финансирање инвестиции во железничкиот сектор.

Фото: МИА архива

 Европската инвестициска банка (ЕИБ)

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан